Катарски бизнисмен донира 15 илјади долари за Рамазан во Гостивар
Неколку стотини семејства од гостиварско за Рамазан ќе добијат пакети со храна. Станува збор за донација од 15 илјади американски долари од катарски бизнисмен кој планира да гради и социјални станови.
– Со парите, купени се прехрамени продукти и направени се триста и педесет пакети. Тие ќе им бидат поделени на сиромашни семејства за да достојно ги поминат рамазанските пости. Нашите служби, деновиве ќе почнат со дистрибуција, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.
Изразувајќи благодарност тој посочи дека таквиот чекор е пример кој треба да го следат и други.
Од контактите кои биле остварени со катарскиот донатор, произлегла идеја за помош на социјално загрозените семејства, особено на оние кои живеаат во лоши услови и импровизирани живеалишта.
– Тој изрази желба да се изградат објекти со станови, во кои домувањето ќе биде бесплатно. Идејата за нас е прифатлива и ќе работиме на обезбедување на локации. Но, повеќе детаљи ќе знаеме по средбата која очекуваме да се оствари наскоро, рече Бејта.
За кусо време ова е втора позначајна донација во Гостивар. Гостиварец кој има фирма во Италија, донираше 10 илјади евра за поставување украсна калдрма пред влезот на општинската зграда.
There are no comments at the moment, do you want to add one?
Write a comment