MKDNews.com

Груевски: Паско Кузман го чувствував за близок, но се што знам е од медиумите?!

јули 21
22:02 2013

Премиерот Никола Груевски жали што неговиот близок соработник, Паско Кузман е во притвор. И по една недела од апсењето на сè уште актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, премиерот не сака да коментира, велејќи дека се што знае е од медиумите, како и сите други.

„Па, немам коментар, Паско Кузман го чувствував за близок, бидејќи често се гледавме при нашите соработки, и мене ми е многу жал што е во една таква ситуација, она што го знаете вие го знам и јас од медиумите, дека имало некаков договор кој требало или не требало да се потпише, според обвинителството, нешто се погрешило, така што, ќе си има судска постапка во којашто г-нот Кузман ќе има можност да си ја каже својата страна“, изјави премиерот.

pasko-kuzmanПред скоро една недела, Кривичниот суд во Скопје му определи куќен притвор од 30 дена на директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман кој беше приведен под сомнение дека ја злоупотребил службената должност и овластувања.

Кузман се товари дека нелегално, односно дека надвор од процедурите давал дозволи за ископување на археолошки локалитети заедно со група вработени во Управата.

Иако приведувањето на Кузман се третира како дел од процесот Фаланга 2, од МВР велат дека немаат докази и наоди дека Паско Кузман учествувал во нелегална трговија со артефакти.

Полицијата го товари дека пред две години незаконски дал согласност да се ископува во близина на Делчево и на Катланово. Медиумите тогаш шпекулираа дека на овие локации наводно се бара злато оставено од Германците во 1944 година. Никогаш не беше откриено дали е најдено златото на Германците, но според истрагата на МВР, Паско Кузман, заедно со еден од раководителите во Управата, кој го поттикнал да ги потпише согласностите, ја загрозиле безбедноста на културното наследство.

Освен што незаконски ги потишал согласностите за ископите, според пријавата, Кузман го оштетил и буџетот, барајќи полициско обезбедување на локациите, што МВР го чинело околу 20.000 евра, а оваа сума никогаш не ја платил.

Инаку, директорот на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман беше сведок на Обвинителството во случајот Фаланга 1, во кој 23. обвинети одговараа за оштетување, присвојување и уништување на материјалните добра. Кузман во Кривичниот суд сведочеше врз основа на фотографии и тврдеше дека препознал оти запленетите предмети се оригинали.

Исто така, ова не е прв пат Кузман да се соочува со кривично гонење, тој во 2002, откако беше сменет од директорското место во Завод и музеј во Охрид, доби кривична пријава.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.