MKDNews.com

Дизелот поскапува, бензините поевтинуваат за половина денар

јули 01
20:19 2013

benzinБензините вечерва на полноќ ќе поевтинат за половина денар, а за исто толку ќе се зголеми цената на дизелот и на екстра-лесното масло за домаќинства.

Последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика определи цената на еден литар „евросупер БС-95“ да биде 78,5 денари, а еден литар „БС-98“ да се продава за 80 денари. Од друга страна, „евродизелот“ ќе се продава по 67, а екстра-лесното масло за домаќинство по 56 денари за литар.

Се намалува и малопродажната цена на мазутот и ќе изнесува 40,4 денари за килограм.

РКЕ ги определува цените на нафтените деривати според просечната цена на барел сурова нафта од типот брент на Лондонската берза во последните две седмици и според просечниот курс на доларот во истиот период.

„Просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-дневен период изнесуваше 102,6 долара за барел и е за 0,5 отсто пониска од просечната цена на сурова нафта (103,173 $/барел) по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-дневен период изнесуваше 46,8 денари за долар и е за 0,65 отсто повисок од курсот на доларот (46,5489 ден) по кој беа формирани цените“, пишува во одлуката на РКЕ.

Со примена на формулата од Методологијата за пресметка на цените, регулаторите увиделе дека рафинериските цени треба да се покачат за 0,03 отсто, а малопродажните за 0,06 отсто.

Во малопродажните цени, покрај рафинериските, се вклучени и акцизите според Законот за акцизите, кои се движат од 0,0100 денари за килограм за мазутот, 3,2 денари за литар за екстра-лесното масло, 12,1 денари за литар за „евродизелот“, и по 21,7 и 21,8 денари за литар за „евросупер БС-95“ и „БС-98“ соодветно.

Исто така, во цената е вклучен и надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина, кој изнесува 0,03 денари за „евродизелот“, 0,04 денари за екстра-лесното, 0,05 денари за мазутот и 0,08 денари на секој литар „евросупер“.

Тука е и надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати од по 0,3 денари за литар за екстра-лесното и за „евродизелот“, 0,41 денари за мазутот и 0,98 денари за „евросуперот“.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment