MKDNews.com

Аџиев негира поврзаност со Владата (интервју)

јули 20
20:10 2013

Македонската лустрациска комисија не е продолжена рака на власта и не се користи за политичка пресметка со опозицијата, вели нејзиниот претседател Томе Аџиев, во интервју за БИРН.
БИРН: Во последниот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент, се вели дека македонската Влада „ја користи лустрацијата како средство за напад врз политичките опоненти и врз нелојалните поранешни соработници“.

Како ќе ја убедите јавноста дека тоа не е така во ситуација кога работите според законот за лустрација кој е поддржан само од владеачкото мнозинство во парламентот и со членови кои се предложени речиси ексклузивно од владините партии?

Томе Аџиев: Како член на комисијата и нејзин претседател, јас стојам зад сите нејзини одлуки. Одлуките се донесени во најголем број, едногласно, со исклучок на едно лице кое упорно сите одлуки на комисијата ги негира, ги бојкотира. Ниту еден извештај нема сработено, ниту една одлука нема гласано, ниту за една одлука нема кажано позитивен збор за комисијата. Тоа е многу симптоматично и јас не знам што бара тоа лице во оваа комисија.

БИРН: Зборувате за Чедомир Дамјановски кој е единствениот член на 11-члената комисија кој беше предложен од опозициските либерал – демократи? Треба ли и тој да си замине како и останатите двајца опозициски членови за да може мирно да работите?

Т.А.: Да не ги карикираме работите околу тоа дека се предложени од власта или не. Собранието ја избра комисијата по пат на оглас. Јас лично конкурирав на тој оглас. Јас не се замарав со тоа кој ме предлага и кој ме поддржа. Меѓутоа, отфрлам дека ние сме продолжена рака на власта. Прво, ние не сме орган на извршната власт. Комисијата е самостоен орган, формиран од собранието, и работи самостојно. Одговара само пред Собранието. Сите одлуки ги донесуваме со квалификувано мнозинство кое е предвидено во законот односно најмалку 6 членови треба да гласаат за една одлука да биде изгласана. Не може никој да замери дека од технички карактер ние имаме направено грешка. Ние не гледаме кое лице е на власт или во опозиција.

Техниката на работа е таква што ние добиваме списоци од сите институции во државата, на поранешни и сегашни носители на јавни функции. Тие списоци ги доставуваат до нас на проверка и ние тие списоци ги проверуваме целосно, без прочистување и проверуваме дали постојат досиеја за тие лица. Доколку за некое лице постојат документи во институциите, како полиција или архив, согласно распоредот на комисијата еден член на комисијата оди и ги разгледува документите, изготвува извештај и го доставува до комисијата. Дури откако ќе се убедиме сите дека овие документи се валидни и дека може да се определи тоа лице како соработник, тогаш гласаме.

БИРН: Летово претрпевте жестоки критики од МАНУ, ДПМ, и ПЕН центарот, кои ве обвинија дека ги уривате столбовите на македонската нација кога го прогласивте починатиот македонски писател Славко Јаневски за соработник на бившите југословенски тајни служби. Но, вашиот одговор звучеше прилично смело – дека токму тие кои ја критикуваат лустрацијата веројатно се плашат да не бидат и самите лустрирани. Како тоа однапред знаете дека членовите на МАНУ, на ДПМ, на ПЕН центарот се кодоши?

Т.А.: Јас не реков дека се кодоши туку прашав да не се уплашил некој. Мене ми беше многу симптоматично што името на Славко Јаневски излезе токму од кај нив. Согласно законот, доколку комисијата прогласи за соработник лице кое е починато, таа не го објавува ниту неговото име, ниту решението, ниту документите. Тоа останува само во архивата на комисијата, се евидентира и завршува предметот. Седницата на комисијата уште не беше завршена, а некои новинари, МАНУ и ДПМ веќе излегоа со иницијалите С.Ј. и почнаа да го бранат Славко Јаневски без да имаат сознание дали е тој. Јас им реков, престанете да го штитите делото на Славко Јаневски бидејќи ние не го цениме неговото дело. Ние не го цениме книжевното дело на Јаневски или на кој било друг. Ние велиме дека имаме документи дека одредено лице било соработник.

БИРН: Писателот Божин Павловски ја нарече лустрацијата „нов политички криминал“, аргументирајќи дека е нон сенс да се одлучува врз база на „полуписмени“ извештаи од УДБА. Дали навистина верувате дека тие извештаи се навистина доволен доказ за да прогласите некого за кодош, особено ако се знае дека не постои механизам за проверка на автентичноста на тие списи и дека многу од имињата наведени таму се всушност псевдоними?

Т.А.: Документите што ние ги разгледуваме, претежно се документи од историско значење, архивирани во државниот архив на Република Македонија. Тие документи не ги креираме сега. Без разлика што се правени од тајните служби, внатре има документација која е битна за историјата на Македонија. Не сакаме да навлегуваме колку биле писмени тогашните инспектори и службени лица. Тие се тие. И уставот на ВМРО од 1893 година го правеле на рака, можеби луѓе кои биле полуписмени или писмени, ама денес ни е еден од најзначајните документи. Не можеме да негираме документи и да речеме дека некој бил полуписмен. Ние не ги цениме нивните литерарни вредности.

БИРН: Оставате ли можност некои од документите или псевдонимите во нив да не се веродостојни. Како всушност ја утврдувате веродостојноста на документите?

Т.А.: Додека не утврдиме врска на името со псевдонимот ние не излегуваме со решение. Кај дотичното лице што го спомнавте постои недвосмислена врска, се кажува дека споменатото лице е тоа. Во неколку документи дури се спомнува и со име и презиме, а му се наведува и професијата. Мислам дека критичарите не би зборувале така доколку би ги виделе документите.

Ние денес не можеме да ја цениме автентичноста на документите кои биле правени пред дваесет или триесет години и кои биле тогаш автентични. Документите се тие. Ние имаме денес вакви документи. Па и судовите многу пати одлучуваат врз основ на вакви документи. Ние гледаме дека во тие документи некој креирал приказни за одредени личности кои тогаш биле со поинакво гледање на тогашниот систем. Тоа е суштината. Се е тоа автентично. Тоа од денешен аспект тотално се коси со човековите права.

БИРН: Што има Македонија од објавување на идентитетот на лицата кои комисијата ги прогласила за кодоши. Дали сметате дека можеби е поважно да се обрне внимание на компензација на жртвите и нивните блиски?

Т.А.: Согласно овој закон, дадена им е шанса и на жртвите, да дојдат да си ги побараат своите досиеја, да видат кој ги кодошел, кој ги стварал тие досиеја и да си побараат да се објават. Еве баш денеска имавме таков случај по иницијатива на трето лице прогласено беше едно лице за соработник. Меѓутоа, овој закон не се бави со рехабилитацијата или со сатисфакцијата на жртвите. Се надевам дека кога ќе се расчисти со овој прв дел, во наредниот период и тоа би дошло на ред.

БИРН: Како ги доживувате обвинувањата дека со одлуките за лустрација кои компромитираат видни имиња всушност сте само продолжение на македонскиот синдром на самоуништување?

Т.А.: Мене ми е тешко. Јас никогаш претходно не сум бил јавно експониран во медиумите. Работев приватна работа, мирна работа, бев адвокат. Но кога веќе влегов во оваа работа јас најодговорно тврдам дека сите одлуки на комисијата се донесени врз база на документи кои се прегледани од сите членови на комисијата. Јас сум само еден член на комисијата, имам еден глас и ништо повеќе. Јас можам да се отепам од борба водење за да прогласам некого за соработник, но ако другите десет членови не се убедат во тоа, јас не можам да направам ништо.

БИРН: Дали навечер спиете мирно без да се плашите дека некој по десет години би можел вас да ве лустрира?

Т.А.: Немам никаков страв. Полициско досие имам првпат допрено пред пет години кога дојдов во комисијата. Нити знам што е тоа, ниту ме интересира. Отсекогаш сум бил алергичен на тие служби. Јас работам по закон. Доколку ние не го спроведуваме законот, доколку сме нашле дека некое лице е соработник, а не сме го прогласиле, тогаш нормално дека ни следи конфликт со тој закон. Јас колку можам се трудам да не згрешиме. Сепак грешки се можни, но ви гарантирам дека тоа нема да бидат намерни грешки.

Интервјуто го водеше: Синиша Јаков Марушиќ

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.