MKDNews.com

Заев најавува дека ќе ја собори ВМРО-ДПМНЕ од власт

јуни 04
00:45 2013

Зоран Заев

Новиот лидер на СДСМ најави дека до 30 јуни ќе ја формира првата екипа на партијата, односно новиот Извршен одбор. Големата лидерска смена во СДСМ заврши, но не без крвавење. Зоран Јовановски замина, а допрва ќе се види како ќе се позиционираат другите

Новиот лидер Зоран Заев и неговиот прв соработник Радмила Шекеринска, вчера уште рано наутро, правеа скица на сето она што се случуваше на 14. Конгрес на СДСМ.

Заев на првиот ден по, како што рече, историскиот Конгрес, почувствува потреба уште еднаш, искрено да им се заблагодари на сите членови, делегати и на досегашното раководство на СДСМ за демонстрираното ниво на политичка зрелост, култура и прагматизам изразени во деновите на подготовка и на самиот ден на одржување на Конгресот.

„Длабоко верував и постојано потенцирав дека СДСМ низ оваа изборна процедура испишува нови репери, критериуми и вредности во политичкото дејствување во Македонија. Вчера тоа се потврди на најдобар можен начин. Желбите, надежите, очекувањата на нашите противници и нивните медиумски пропагатори за неуспех, кавги и поделби во партијата за наша среќа, а на нивна огромна фрустрација, се покажаа како тотална заблуда и целосно промашена процена. Од овој конгрес СДСМ излегува гордо и достоинствено. Обединет, моќен, триумфален. Само вака сплотени можеме да го скршиме режимот на Груевски“, рече Заев.

Кратко по оваа обединувачка изјава на Заев, неговиот противкандидат за лидерската позиција во СДСМ, Зоран Јовановски, се повлече од раководните структури на партијата.

Заев не изрази жалење, туку рече дека е среќен што Јовановски оставил одлична можност за соработка во иднина.

„Јас имав задоволство со Зоран да испијам кафе, и така е редот. Ја почитувам таа негова одлука, која е лична, но среќен сум што остави одлична можност за соработка во иднина. Зоран е драгоцен експерт во партијата, познавач на економските состојби во Македонија. Среќен сум што останува секогаш на располагање на СДСМ за сите негови експертски мислења“, посочи Заев.

На прашањето, пак, кога ќе биде позната таканаречената прва екипа на СДСМ, односно новиот Извршен одбор, Заев рече дека тоа сака да го направи најбрзо што може. „Јас сум човек кој сака да се консултира. Значи, заедно со веќе избраните Централен одбор и Надзорен одбор на партијата ќе ги направиме сите средби и состаноци, за да извлечеме максимално квалитетен тим. Датумот не би требало да помине 30 јуни. Имаме цел месец пред себе, но ако е тоа можно порано – и порано ќе го направам“, изјави Заев.

Инаку, СДСМ се одлучи да не прави радикални кадровски промени во Централниот одбор. Во него ќе членуваат голем дел од оние кои беа дел од претходниот највисок партиски орган меѓу два конгреса.

На списокот меѓу другите повторно се најдоа Весна Бендевска, Гордан Георгиев, Ана Павловска-Данева, Јани Макрадули, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Рената Десковска. На списокот се наоѓа и пратеникот Оливер Спасовски, за кого се шпекулира дека ќе биде новиот генерален секретар на СДСМ. Освен нив во ЦО ќе бидат и неколку кандидати за градоначалници, кои загубија на локалните избори. Покрај охриѓанецот Александар Петрески, во потесното раководство на СДСМ се најдоа и кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Љупчо Васовски, кандидатот за градоначалник на Аеродром Диме Велковски, кандидатот за градоначалник на Кавадарци Бетиан Китев и кандидатот за градоначалник на Прилеп Хари Локвенец.

На списокот ги нема противкандидатите на Заев, Игор Ивановски и Кире Наумов, како и долгогодишниот соработник на Бранко Црвенковски, Наташа Савова.

Заев, кој има право да кооптира пет члена во новиот ЦО, по вчерашниот избор за претседател на партијата вети дека во СДСМ ќе има место за секого, па и за неговите противкандидати.

 

Досегашниот потпретседател и кандидат за лидер на СДСМ, Зоран Јовановски, еден ден по изборот на Зоран Заев за прв човек на партијата, објави дека се повлекува од сите раководни позиции во партијата и се враќа на професионалниот ангажман во Комерцијална банка.

Јовановски јавно му ја честиташе победата на новиот претседател Зоран Заев и му посака среќа во иднина. Тој му се заблагодари на досегашниот претседател Бранко Црвенковски за честа и можноста што му ја дал во изминатите четири години да биде потпретседател на партијата, како и на делегатите кои гласале за него на Конгресот.

Јовановски оценува дека Конгресот поминал во убава, демократска атмосфера, онака како што прилега за една голема, силна и моќна партија.

„Беа понудени концепти и визии за функционирањето на СДСМ во наредниот период кои суштински се разликуваат. Делегатите пред себе ја имаа шансата да го насочат СДСМ по патека која е нова и поинаква, но тие направија друг избор и јас целосно го почитувам тоа. Не сакам да бидам каква било пречка за реализација на концептот што беше избран“, вели Јовановски.

Tags

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment