MKDNews.com

Воислав Шешељ: Сакав “Голема Србија“

јуни 10
19:52 2013

Vojislav.SeseljНа судењето на Радован Караџиќ, поранешниот лидер на Српската радикална партија, Шешељ, потврди дека негова воена цел била создавање на “Голема Србија“, во која би влегле “српска Босна, српска Херцеговина, српска Македонија, српска Хрватска“.

Шешељ сведочеше на судењето на Караџиќ во Хашкиот трибунал во понеделник, изјавувајќи дека тој сакал и сѐ уште сака создавање на многу поголема српска држава, што ќе ги инкорпорира териториите на соседните земји.

„Тоа беше и сѐ уште е моја генерална цел, но не и генерална цел на Србија и српското раководство …Тоа е целта на Српската радикална партија, но не и на друга партија“, рече Шешељ, кој сведочеше за одбраната.

Тој додаде дека неговата визија за Србија била Србија без етнички малцинства, туку со „етничко единство и хармонија меѓу православните, католичките, муслиманските Срби и Србите атеисти“.

Тој ги нарече Бошњаците „Срби што го прифатиле исламот“ и нагласи дека „никој не може трајно да го држи српскиот народ поделен“.

На Шешељ, исто така, му се суди пред Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени во Хрватска, во српската покраина Војводина и во Босна и Херцеговина, меѓу 1991 и 1993 година.

На поранешниот политички лидер на босанските Срби, Караџиќ, му се суди за геноцид во Сребреница, за протерување на Бошњаците и Хрватите во Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивили во Сараево и за земање на меѓународни мировници како заложници.

Според Шешељ, поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ обезбедил помош што била од клучно значење за локалните Срби, за време на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина.

„Без помошта од Србија, ниту Република Српска, ниту Република Српска Краина ќе преживееја“, изјави Шешељ.

Обвинителот Алан Тајгер му ја предочи на Шешељ неговата изјава дадена за документарниот серијал на телевизиската мрежа БиБиСи “Смртта на Југославија“, во која тој вели дека Милошевиќ во 1992 година директно побарал од него да испрати борци волонтери во Босна и Херцеговина и дека нападот врз Зворник во април истата година бил „планиран во Белград“.

Шешељ рече дека таа изјава е “претерана“ и дека тој тоа го рекол бидејќи бил во конфликт со Милошевиќ.

Обвинителот Тигер го потсети Шешељ, дека пред војната, тој им се заканувал на Бошњаците со протерување во Анадолија, но сведокот одговори дека тој мислел на „пан-исламистите, а не на сите муслимани“.

„Ги повикував муслиманите да не одат во војна со Србите, бидејќи тие ќе страдаат најмногу. А тие го направија токму тоа, од 100.000 жртви, 50.000 до 60.000 беа муслимани. Целта на моите закани беше да се спречи војната“, изјави Шешељ.

Судењето на Караџиќ продолжува во вторник.

Justice Report

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment