MKDNews.com

Вкупно 13 години затвор за “Лапската група“

јуни 07
16:51 2013

Llapi group after guilty verdict
Тројца поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК, познати како “Лапска група“, се прогласени за виновни за мачење на воени затвореници и осудени на вкупно 13 години затвор.

Судот во Приштина ги прогласи тројцата обвинети за виновни за воени злосторства извршени против цивили, во логорот на Ослободителната војска на Косово, ОВК, наречен Лапаштица, за време на конфликтот со српските сили 1998-1999.

Латиф Гаши, актуелен пратеник на владејачката демократска партија на Косово, беше осуден на шест години затвор.

Рустем Мустафа доби четири, додека третообвинетиот Назиф Мехмети три години затвор.

Сите тројца, познати како “Лапска група“, Гаши (познат како Лата), Мустафа (познат како Реми) и Мехмети (познат како Дини), имале командни позиции во ОВК.

Во пресудата на судот се вели дека тие „заедно со други неидентификувани лица, биле дел од заеднички злосторнички потфат, давајќи наредби и учествувајќи во тепање и измачување на албански цивили на Косово, приведени во притворниот центар Лапаштица, а во обид да ги принудат затворениците да признаат нелојалност кон ОВК, од октомври 1998 до крајот на април 1999 година“.

Џонатан Велфорд-Керол, судија на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, изјави дека обвинетите имаат „заедничка одговорност“ за овие злосторства.

„Латиф Гаши бил во центарот на системот за испрашување, тепање и мачење, како шеф на разузнавачката служба на ОВК“, рече Велфорд-Керол објаснувајќи ја пресудата.

„Иако не бил водач, Назиф Мехмети бил занесен и брутален“, нагласи Велфорд-Керол.

„Рустем Мустафа имал командна одговорност да ги спречи овие акти, иако не може да се каже дека тој дал наредба за нивно извршување“, рече тој.

Но, обвинителот на ЕУЛЕКС, Чарлс Хардавеј истакна дека случајот не е насочен против ОВК.

“Мора да биде јасно дека овде не ѝ се судеше на ОВК, туку на обвинетите. Треба да се разбере дека вината е индивидуална, а не колективна, а судот со право одлучи дека овие индивидуи вршеле незаконски дејства“, рече Хардавеј.

Обвинетите ја отфрлија пресудата и најавија дека ќе поднесат жалба.
„Криминалци се оние што ги затворавме, а не ние“, им изјави по пресудата Гаши на новинарите.

„Правната битка е сѐ што ни преостанува и ние сме убедени дека ќе победиме“, рече Мустафа.

Ова беше трето судење на Лапска група, кое започна кон крајот на март.

Случајот за прв пат се најде под истрага во 2001 и 2002 година, која беше покрената од страна на мисијата на ООН на Косово.

Во 2005 година, по двегодишен судски процес, беше донесена осудителна пресуда, но Врховниот суд на Косово наложи повторно судење, бидејќи одлучи дека доказите не биле утврдени „надвор од секакво сомневање“.

Во 2009 година, тројцата поранешни команданти на ОВК повторно беа прогласени за виновни за воени злосторства и им беше одредена казна затвор за тортура и нечовечки третман кон затворениците.

Тие на оваа пресуда поднесоа жалба и во 2011 година Врховниот суд нареди делумно повторување на судењето.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.