MKDNews.com

Судија на МКТЈ предизвика контраверзи критикувајќи го Трибуналот

јуни 14
19:05 2013

ICTYСудија на Хашкиот трибунал напишал електронско писмо во кое што вели дека неодамнешните ослободителни пресуди, судот ги донел под политички притисок, што предизвика контраверзија, откако оваа информација дојде до медиумите.

Данскиот судија во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, Фредерик Хархоф, предизвика контроверзии откако во приватно писмо пратено по електронска пошта ги критикувал ослободителните пресуди на судот донесени за српски и хрватски воени команданти, објави данскиот весник “Берлингске“.

Хархоф напишал оти чул дека претседателот на Трибуналот, Теодор Мерон, Американец, наводно, вршел притисок врз другите судии да донесат ослободителна пресуда за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, за југословенскиот генерал Момчило Перишиќ и за српските безбедносни функционери Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

Хархоф го обвини трибуналот за промена на неговата политика во изрекувањето на пресудите.

„Се до есента 2012 година, помалку или повеќе, праксата на судот беше, воените команданти да се сметаат за одговорни за воените злосторства извршени од нивните подредени за време на војната во поранешна Југославија 1992-1995“, тврди Хархоф.

Но, после тоа, вели тој, водечки хрватски и српски официјални лица беа ослободени, делумно врз основа на тоа дека не може да се докаже оти тие всушност им наредувале на своите подредени да извршат воени злосторства.

„Сега излегува дека командантите морале да имаат директна намера да извршат злосторства, а не само знаење или сомневање дека злосторствата биле или ќе бидат извршени“, вели тој.

Како резултат на ова, тврди тој, Трибуналот направи „значителен чекор назад во лекцијата дека командантите на воениот кадар мора да преземат одговорност за злосторствата на нивните подредени“.

Тој наведува дека ваквите промени може да се резултат на „притисокот на воениот естаблишмент во одредени доминантни земји“, како што се САД и Израел, кои не сакаат да се поставуваат преседани, што можат во иднина да се икористат за осудување на нивни граѓани.

„Најновите пресуди ме донесоа пред длабока професионална и морална дилема, со каква претходно не сум бил соочен“, пишува Хархоф.

„Најлошото од тоа е сомневањето дека некои од моите колеги стојат зад кратковидниот политички притисок, кој целосно ги менува премисите на мојата работа како сервис на мудроста и законот“, пишува тој.

“Њујорк Тајмс“ објави дека критиките на судијата покренале „сериозни прашања за кредибилитетот на судот“.

Агенцијата “Сенс“ на својата интернет страница, писмото на судијата го опиша како „бомба“ за Хашкиот трибунал.

Данскиот весник “Берлингске“ не откри како дошол до ова приватно писмо напишано на 6 јуни, што Хархоф првично го испратил до своите пријатели и соработници.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.