MKDNews.com

Сите судења во Хашкиот трибунал ќе завршат до 2016

јуни 12
16:59 2013

ICTY
Хашкиот трибунал ќе ги заврши сите судски процеси во наредните три години, по што останатите жалби ќе бидат преземени од друго тело на ООН, беше најавено во Сараево.

Во средата во главниот град на БиХ беше одржана презентација на Механизмот на Обединетите нации за меѓународните кривични трибунали, што ќе ги преземе сите преостанати жалби откако Хашкиот трибунал ќе се затвори, а кој официјално започнува со работа на 1 јули.

Правниот советник на механизмот на ООН, Ендрју Бег, најави дека Хашкиот трибунал ќе продолжи да работи и во наредните три години, се додека траат тековните судењата на политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, на воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ и на лидерот на хрватските Срби, Горан Хаџиќ.

„Пресудата во случајот против Караџиќ се очекува следната година, во случајот против Хаџиќ во 2015 година, а пресудата за Ратко Младиќ треба да биде донесена во 2016 година, што воедно ќе значи и крај на работата на Меѓународниот суд. Сите жалби во овие случаи ќе бидат преземени од страна на механизамот“, рече Бег.

На Караџиќ и на Младиќ им се суди за геноцид и други злосторства извршени во Босна и Херцеговина, додека Хаџиќ е обвинет за воени злосторства во Хрватска.

Според Бег, механизмот на ООН ќе има првичен мандат од четири години, кој потоа ќе биде продолжуван секои две години.

Неговите должности, објасни тој, ќе бидат да обезбеди заштита на жртвите и сведоците, следење на издржувањето на казните и одржување на архивите на Хашкиот трибунал.

„Бидејќи Механизмот ќе одлучува за предвремено ослободување на осудените лица, тој ќе постои се додека и последниот осуденик издржува казна“, рече Бег.

Тој додаде дека механизмот на ООН ќе обезбеди комплетната архива на Хашкиот трибунал да биде дигитализирана и објавена на нова интернет страница.

„Бидејќи Хашкиот трибунал со својата работа започна многу одамна, постојат многу можности за подобрување на архивата. Ние ќе направиме нова. Врз основа на оваа нова платформа ќе ги објавиме сите јавни документи и снимки од сите судски сослушувања. На тој начин, веруваме, пристапот ќе биде многу олеснет“, рече Бег.

Механизмот на Обединетите нации за меѓународните кривични трибунали има свој оддел и во Руанда, со задача да ги заврши жалбите на Меѓународниот суд за Руанда, основан во 1994 година.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.