MKDNews.com

Реакција на ДПМ по повод лустрирањето на писателот Славко Јаневски

јуни 30
15:25 2013

drustvo-pisateliДруштвото на писатели на Македонија денеска преку писмено соопштение побара одговорност за како што наведоа антиуставниот и бескрупулозен обид за уривање на темелните вредности на македонската национална култура.
“Друштвото на писателите на Македонија со огорченост ја отфрла апсурдната одлука на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби. Друштвото на писателите на Македонија бара одговорност заради овој антиуставен чин на Комисијата за верификација на фактите која посегна по една од најсветлите личности на современата македонска литература и култура, надвор од нормите што ги подразбира законот за лустрација. Во спротивно ДПМ овој чин ќе го толкува како тенденција за бескрупулозно газење и рушење на темелните вредности на македонската национална култура“ се наведува во реакцијата на ДПМ.

Според писателите, апсурдно е да се помисли дека дејствувањето на Славко Јаневски во литературата и културата било на штета на развојот на одредени автори и процеси. Напротив, се наведува во реакцијата, делото на овој писател цврсто е втемелено во основите на современата македонска литература и живо присутно во сите фази од нејзиниот развој, се до крајот на неговиот живот.
„ Од денешен аспект, тринаесет години по смртта на Славко Јаневски, неговото творештво и неговата мисија се уште позначајни како писател и културен деец, како еден од иницијаторите за основање на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на македонската писателска асоцијација, еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, еден од основачите на Македонскиот ПЕН центар, член на основачкиот одбор на Струшките вечери на поезијата, покренувач на списанија, издавачки куќи и институции од областа на културата. Славко Јаневски е автор на првиот македонски роман и на обемен, разновиден и значаен опус како поет, раскажувач, романсиер, публицист, сценарист и редактор на капитални дела за македонската национална и културна историја. Овие аргументи силно пркосат пред апсурдната и злонамерна одлука на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби” рагираат од ДПМ.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.