MKDNews.com

Oсуда за демолирањето на ЛГБТ центарот упати ЛГБТ заедницата

јуни 23
15:47 2013

lgbt_un_headerОстра осуда за демолирањето на ЛГБТ центарот упати ЛГБТ заедницата и повика МВР итно да ги открие вандалите и да ги уапси. Тие побараа премиерот и претседателот на Македонија да го осудат ваквото насилство, поради тоа што и ЛГБТ луѓето се граѓани на Република Македонија и истите треба да бидат почитувани и заштитени како и сите останати граѓани.

„Бараме од лидерите на политичките партии, и од лидерите на верските заедници јавно да го осудат насилството кон ЛГБТ лицата и активистите за човекови права и да се оградат од хулиганите и неонацистичките групи кои јавно повикуваа на насилство и дискриминација. Бараме од Владата и од пратениците да подготват законски измени со кои кривично ќе се казнува говорот на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет и со кои ќе се предвидат поостри казни за делата сторени од омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет“ – велат од ЛГБТ заедницата.
Тие најостро ги осудија насилствата од омраза пред споменикот на Воин на коњ, хулиганското дивеење и демолирањето на ЛГБТ центарот во Стара Чаршија и говорот на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација.

„ Бараме од МВР најитно да ги открие и уапси сторителите на кривични дела кои претепаа лице во центарот на Скопје, кои повторно го демолираа ЛГБТ центарот во Стара Чаршија, кои нападнаа и повредија полицаец во вршење на службена должност и кои ширеа и продолжија да шират закани и говор на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ – се вели во соопштението.

ЛГБТ заедницата смета дека нетолеранцијата кон нив е поголема бидејќи не е првпат центарот да биде нападнат во присуство на полиција.

„Поради ова, го повикуваме јавното обвинителство конечно да ги препознае кривичните дела од омраза поради карактеристиките на луѓето, поради што бараме сторителите да бидат пронајдени и истите да бидат гонети за насилство предизвикано од диксриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет на луѓето. Бараме конечно да се применат одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои е јасно наведено дека „сексуалната ориентација како фундаметална карактеристика на една личност, треба да се третира на ист начин како и категориите раса, етницитет и религија, кои најчесто се покриени со закони за санкционирање на говор на омраза и насилство од омраза“. Сметаме дека со ова конечно ЛГБТИ заедницата ќе добие заштита и поддршка од институциите кои треба да ги штитат правата на сите граѓани и превентивно ќе делува во иднина вакво насилство да не се повтори“ – објаснуваат оттаму.

Исто така, тие упатуваат апел до медиумите и новинарите да престанат со ширењето на дезинформации (како што беа дезинформациите во врска со „Геј парадата“), да се воздржат од ширењето на негативни стереотипи и предрасуди за ЛГБТ лицата, и од објавувањето на содржини кои поттикнуваат на насилство и дискриминација врз која и да е основа.

„Ја повикуваме граѓанската и интелектуалната јавност во Република Македонија најостро да го осуди насилството врз ЛГБТ-активистите како и екстремистичките групи, од неонацисти, маскирани хулигани, и верски фанатици кои почнаа отворено да дивеат во центарот на Скопје“ – се вели во соопштението од ЛГБТ заедницата.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.