MKDNews.com

„Конфузијата“ со името на Сноуден помогнала тој да избега од Хонг Конг

јуни 26
15:46 2013

Edvard-SnoudenСекретарот за правда на Хонг Конг, Римски Јуен изјави дека „конфузијата“ што настанала околу името на Едвард Сноуден, помогнала Американецот, кого САД го обвинуваат за шпионажа, да замине во Москва.

Според Јуен, конфузијата настанала кога хонгконшките власти ги примиле сите документи од американското Минстерство за правда со кои се бара апсење на Сноуден, при што во нив средното име на Американецот било запишано како „Џејмс“, додека кај хонгконшките власти тој бил заведен со средно име „Џозеф“.

Властите на кинеската територија, исто така, забележале дека во американските документи нема број на пасошот на Сноуден, па од Американците побарале дополнителна верификација за средното име, како и потврда за бројот на пасошот на американскиот бегалец.

– Бројот на пасошот за нас е клучната информација за идентитот, рече Јуен, објаснувајќи дека инсистирањето за точното средно име на човекот за кого постои потерница е важна работа за да подоцна не настанат правни проблеми.

Официјален Вашингтон грубо ги отфрли ваквите објаснувања на властите на Хонг Конг. Белата Куќа соопшти дека сите податоци биле навреме испратени, како и дека хонгконшките власти имале доволно време за да го фатат и да го уапсат Сноуден.

– Не ја признаваме приказната за наша техничка грешка, што сега ни ја нуди Хонг Конг, изјави Џеј Карни, портпарол на Белата Куќа. Според неговото толкување, станува збор за „намерна одлука“ на Хонг Конг да се дозволи бегството на Сноуден иако постоеше официјален налог за апсење.

Поранешниот службеник во американската Национална безбедносна служба Едвард Сноуден се уште е во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево и заради неважечки пасош не може да го докаже својот идентитет и да купи билет, изјави за руски медиуми извор близок до Сноуден.

Пасошот му е поништен и тој не поседува друг документ со кој може да го докаже својот идентитет. Заради тоа мора да остане во транзитната зона на Шереметјево и не може да купи билет, па ни да ја напушти Русија, изјави изворот.

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж изјави за телевизијата Раша тудеј дека Владата на Еквадор му издала на Сноуден документи со кој добил специјален статус на бегалец, а врз основа на кој го напуштил Хонгконг.

Не е јасно дали може да го користи за продолжување на патувањето, наведуваат руски медиуми.

Венецуела денеска соопшти дека би разгледала барање за азил доколку тоа го побара поранешниот службеник во НС.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.