MKDNews.com

Каде исчезнаа некогашните славни личности?

јуни 29
18:53 2013

collage
На македонската естрада досега продефилирале стотици пејачи. Некои од нив сè уште се активни, дел од нив не забележале поголем успех, а додека, пак, мал број од нив и покрај успехот што го имале, сепак одлучиле да се повлечат и да почнат да се занимаваат со нешто сосем друго во животот. Да изберат професија со која ќе дојдат до посигурна егзистенција.

Најчесто, повеќето од нив почнуваат како угостители, салони за убавина и што уште не, но и со многу поинакви професии. Издвојуваме неколку од нив, кои на времето жареа и палеа и беа едни од најпопуларните на нашата естрада.

trajce-manev-3Трајче Манев – генерален директор во фирма за дигитални ваги
Штипјанецот остави голем печат на познатиот фестивал „Макфест“ со неколку хитови, што до ден-денес се паметат и пеат. „Осамен“, „На минус 23“ и „Скитник“ се само дел од евергрините на пејачот.

– Веќе дваесет години живеам со моето семејство во Скопје. Причината поради која го напуштив Штип е финансиската криза кога ја имаше во тоа време. Не се откажав целосно од музиката, туку само се повлеков од естрадата. Кога се преселив во Скопје постојано настапував по скопските дискотеки – вели Манев.

Трајче веќе седум години успешно работи како генерален директор во фирма на негов многу добар пријател. Фирмата се занимава со продажба и сервисирање на дигитални ваги и машини за мелење месо.

– Кога веќе ме прашувате дали ќе снимам некоја нова песна, навистина не знам што да ви одговорам. За да направиш песна или музика треба прво да ви дојде инспирација. Сите оние мои хитови што ги знаете се направени во време кога сум имал голема инспирација – заклучува Трајче.

Ѓоко Ѓорчев – директор на спортската сала „Младост“ во Неготино
Gjoko-Gjorcev1– Не се повлеков од естрадата, туку само малку го намалив темпото. Имаше еден период од две-три години кога воопшто не сакав да пеам, затоа што мојот помлад брат беше тешко болен од карцином, а подоцна и почина – вели Ѓорчев.

Ѓорчев веќе три години е директор на спортската сала „Младост“ во Неготино и има постигнато резултати, односно во градот веќе има напредок во областа на спортот. Неколку години имаше и сопствена винарија, но подоцна се откажа од тој бизнис од непознати причини.

Инаку, пејачот беше актуелен по неговите хит-песни „Ти само кажи“, „За еден ден молам“ и „Још један дан“, а во јавноста беше познат како македонскиот Том Џонс.

Ѓорчев оваа година слави јубилеј – дваесет години присуство на македонската естрада.

– Јубилејот ќе го одбележам на „Охрид фест“. Напоредно сум и во подготовки за мојот шести албум, кој исто така ќе биде промовиран на фестивалот.

Росана Сариќ-Тодоровска – продавачка во „Стружанка“
Rosana1Фолк-пејачката, која јавноста ја запозна уште пред повеќе од дваесет години, на почетокот на кариерата пееше поп-музика во дует со нејзината сестра Маријана. Росана имаше неколку големи хитови: „Признавам“, во дует со нејзината сестра, „Свири брате цигане“, „Љубов“, која ја испеа исто така со Маријана и тогаш малечката Тамара Тодевска…

Росана долги години работеше како комерцијалист, а денес работи во една од продавниците на „Стружанка“, но не беше расположена за изјава на оваа тема. Таа е во долгогодишен брак со познатиот актер Горан Тодоровски-Трупче и живеат во Скопје.

Наташа Мијатовиќ-Мијата – контролор на летање на аеродромот „Александар Велики“
Mijata1Со само две хит-песни, „Верувам“ и „Волшепства“, Мијата го направи тоа што денес на многумина не им успева со долгогодишно активно работење на нашата естрада.

– Ниеден музичар нема да ви каже дека се откажал од музиката, па така нема ни јас. Едноставно, се повлеков затоа што музиката бара многу вложување, тука не сметам само на труд, туку и на финансиски средства. И мислам дека е грев да се откажам од нешто што Господ ми го подарил како талент, а тоа е мојот вокал. Не е дека ништо не работам на тоа поле, ете подготвувам нешто ново, но не можам да кажам со сигурност кога ќе биде готово – вели пејачката.

Инаку, Мијата веќе 12 години работи на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје како контролор на летање. Таа е мажена веќе неколку години, а од пред две и пол години е среќна мајка на малиот Калин.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.