MKDNews.com

Југословенска принцезата може да ја врати конфискуваната вила

јуни 26
14:54 2013

jogo-princezaСрпскиот суд донесе одлука според која што југословенската принцеза Елизабета и нејзиниот брат, имаат право да си ја вратат конфискуваната семејна вила во Белград, која што денеска служи како амбасада.

Агенцијата за реституција на Србија донесе одлука според која што вилата конфискувана од страна на комунистите по Втората светска војна, треба да им се врати на југословенската принцеза Јелисавета (Елизабет) и на нејзиниот брат, принцот Александар Караѓорѓевиќ, деца на поранешниот регент на Југославија, кнезот Павле.

Ова е прв имот кој што му се враќа на поранешното кралско семејство, откако Србија во септември 2011 година донесе законот за враќање на национализираниот имот, одземен во периодот 1945 – 1968 година во време кога на власт беа комунистите, или да им биде платен соодветен надоместок.

Принцезата поднесе барање за враќање на имотот на 8 ноември 2012 година.

Моментално вилата како амбасада ја користи Црна Гора, а врз основа на договор потпишан со српската Влада.

Гордана Јовановиќ, од Министерството за надворешни работи на Црна Гора, рече дека Црна Гора и Србија разговарале за ова прашање како дел од нивните разговори околу сукцесијата на имотот на поранешна Југославија.

„Ова, но и сите други прашања, Црна Гора и Србија ќе ги решаваат во духот на добрата волја и најдобрите дипломатски практики“, изјави Јовановиќ за српскиот јавен радиодифузер, РТС, во вторникот.

Вилата има простор од 875 квадратни метри, двор и градина од 6.846 квадратни метри, мал базен и фонтани.

Принцот Павле стана регент на Југославија во 1934 година, откако неговиот роднина, кралот Александар, беше убиен во Марсеј, Франција.

За време на Втората светска војна, британската влада го држеше принцот Павле и неговото семејство во домашен притвор во Кенија, Африка. Бидејќи му беше забрането да се врати во Југославија, остатокот од својот живот го помина во егзил.

Вилата била купена во 1940 година, на име на сопругата на Павле, принцезата Олга. Комунистичката власт ја конфискувала во август 1947 година и во неа се преселил Едвард Кардељ, главен идеолошки теоретичар на југословенскиот марксизам.

Вишиот суд во Белград, во декември минатата година го рехабилитира принцот Павле, со што беше поништена пресудата донесена во 1945 година, со која што тој беше прогласен за воен злосторник.

Останките на принцот Павле, соборен со државен удар во 1941 година, беа вратени во Србија на 4 октомври 2012 година.

Елизабета Караѓорѓевиќ, која што имала само четири години кога ја напуштила Југославија, за прв пат ја посети вилата во 90-тите, при нејзината прва посета на Србија.

Таа тогаш изјави дека куќата не изгледа онака како што ја памети, бидејќи во меѓувреме била реновирана и изменета.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.