MKDNews.com

Јанкулоска:Без разлика на желбите на Жерновски, МВР нема овластувања и не смее да ги спречи граѓаните да организираат јавни собири

јуни 09
11:58 2013
jankuloska.fb

Извор: facebook.com

Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на својот фејзбук профил објави:

Без разлика на желбите на Жерновски, МВР нема овластувања и не смее да ги спречи граѓаните да организираат јавни собири. Неоснованите обвинувања кон полицијата најмалку доликуваат на носител на локалната власт, кој треба да работи во интерес на сите граѓани. Уште помалку истите ќе ја натераат полицијата да ги пречекорува овластувањата и да употребува прекумерна сила кон граѓаните кои го изразуваат својот револт и незадоволство од работењето на градоначалникот и неговиот тим.
Полицијата не потклекна на провокациите ниту кога градоначалникот и неговите соработници насилно уриваа огради, игнорирајќи каква било законска процедура, ниту кога истите се обидуваа насилно да упаднат на седница на Советот на општината прекинувајќи ја истата. Полицијата беше и остана крајно професионална и неселективна во работењето, без разлика дали некој сака своето неснаоѓање и грешки во работењето да ги покрива со закани, тепање и насилство врз граѓаните.
Благодарение на навремената и одмерена реакција, вчера во наелектризираната атмосфера немаше посериозен инцидент, ниту некој се пожали на какви било повреди.
Граѓаните од Жерновски очекуваат совесно вршење на функцијата, градење наместо уривање и исполнување на ветувањата, а не лутање во ингеренциите и упатување апели до полицијата. Како и секогаш до сега, и овој пат од страна на МВР секоја пријава или нарушување на јавниот ред и мир ќе биде истражено и третирано исклучиво согласно законот, а не согласно нечија политичка воља.

jankuloska.objava.fb

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.