MKDNews.com

Фазлиу: Министерот за правда бил фатен со пиштол и со дрога

јуни 28
14:26 2013

faziuПочетокот на денешната седница за пратенички прашања започна во знакот на тешки обвинувања.

Пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу, од говорницата изјави:

„Министерот за правда, Блерим Беџети, за време на полициската акција во дискотеката „Чери“, бил фатен со пиштол и со дрога“,

Тој и упати прашање прашање на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за акцијата во која, според кажувањата на Фазлиу, во криминал бил вмешан и министерот за правда.

„Министерот за правда, пред неколку дена, според некои медиуми, е фатен во еден локал со нелегално поседување на оружје, а се вели дека поседувал и дрога. Министерке, барам информација за полициската акција во ноќниот клуб „Чери“, во Градскиот парк, каде што е имплициран и Блерим Беџети министер за правда и неговите луѓе“ рече Беким Фазлиу, пратеник на ДПА, според официјалниот преведувач на Собранискиот канал на македонски јазик.

Пратеникот од ДПА со обвинувања и до други функционери од ДУИ, кои според него „вршеле криминал и големи финансиски злоупотреби“.

Тој посочи дека првиот човек на интегративците, Али Ахмети, според кажувања на локалното население, зел дрва од гимназијата во Липково. Друг функционер на ДУИ бил фатен како краде злато. Во затвор биле и директорот на поштата во Битола и на Комунална хигиена во Скопје, кадри на ДУИ, рече Фазлиу.

Министерката Јанкулоска посочи дека Фазлиу со прашањето, всушност, ја потврдил неселективната борба на полицијата против корупцијата и криминалот.

– Пратеникот сам си реплицираше и ја потврди неселективната борба на МВР со корупцијата и криминалот, при тоа потенцирајќи дека високи функционери на политички партии во различни градови, поранешни, актуелни, се или под сомневање, или се веќе осудени за сторени кривични дела, што е уште една потврда дека борбата против корупцијата и криминалот, без разлика дали се поврзува со политички функционери или со обични граѓани, со лица кои воопшто не вршат јавна функција, се води со еднаков интензитет и секој, врз основа на обезбедените докази, е повикан на одговорност – одговори министерката Јанкулоска.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment