MKDNews.com

Драма на Табановце: Запленети неверојатни 117 килограми марихуана (фото)

јуни 15
16:08 2013

tabanovce3Царинската управа на Република Македонија заплени 117 килограми висококвалитетна дрога марихуана во автобус со албански регистарски таблички.

Дрогата била спакувана во 144 пакувања скриени во шуплините над предните и задните тркала преку багажниот простор и во просторот за вентилација над седиштата во автобусот.

Автобусот марка „Неоплан“ со албански таблички, управуван од сопственикот, Е.Б. од Тирана, вчера околу 20 часот и 30 минути се пријавил за излез од Македонија. Во автобусот имало уште едно лице како втор возач К.Б. и околу 20 патници.

Царинските службеници се посомневале и извршиле детален преглед на автобусот затоа што возачите изјавиле дека одат за Белград, а на шофершајбната од автобусот стоела налепница Тирана – Скопје. Исто така, според исказите на патниците, од моментот на тргнување од Тирана, до граничниот премин Табановце возачите воопшто не го вклучиле системот за вентилација.

Осомничените и дрогата се предадени на инспектори на Одделението за истраги за натамошна постапка. Утврдено е дека Е.Б. и К.Б договориле транспорт на марихуаната преку Косово, Македонија до Белград каде требало да ја предадат на српски државјанин, а тие да го продолжат патувањето преку Унгарија до Фрајбург, Германија.

Дрогата била сместена во автобусот на 11 овој месец во селото Фарк, Албанија, а ја доставил албански државјанин со автомобил марка „опел“. На 14 јуни околу 06:30 часот, К.Б. се договорил со Е.Б. да го довезе автобусот до центарот на Тирана од каде, по качувањето на патниците, во 07:30 часот тргнале за Германија преку Косово. Попладнето околу 17.30 минути преку граничниот премин Блаце, влегле во Македонија, а околу 20.30 часот пристигнале на Табановце – автопат.

Против сторителите поднесена е кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Тие се изведени пред истражен судија.

Од почетокот на годината, на граничните премини на државата откриени се вкупно 13 случаи на пренос на дрога. Вкупната заплена на марихуана до сега е 640 килограми од кои девет случаи се откриени на граничниот премин Табановце каде се запленети 306 кг марихуана.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.