MKDNews.com

Декларацијата на босанските Срби за војната во 90-тите иницира контроверзи

јуни 27
23:49 2013

NSRSПратениците босански Срби во Република Српска донесоа Декларација за воениот конфликт во која што се вели дека Србите биле демонизирани и дека Хашкиот трибунал донел неправедни пресуди за осомничени за воени злосторства.

Народното собрание на босанскиот ентитет со претежно српско население, Република Српска, НСРС, во четвртокот усвои Декларација за причините, природата и последиците од конфликтот во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, за која што експертите велат дека е еднострана и дека треба да ги содржи и ставовите на Бошњаците и Хрватите.

Во Декларацијата, предложена од Боречката организација на Република Српска, БОРС, се наведува оти конфликтот во БиХ „имал карактер на граѓанска војна, со висок степен на вклученост на меѓународниот фактор и упатува критики на пресудите донесени за босанските Срби од Хашкиот Трибунал и од домашните судови, оценувајќи ги како неправедни.

„Негативните квалификација на одредени настани послужија како основа за многу форми на сатанизација на босанските Срби“, се вели во неа.

Претседателот на НСРС, Игор Радојчиќ, за време на дискусијата по Декларацијата на седницата на Собранието, изјави дека од Генералното собрание на ООН, како основач на Хашкиот трибунал, ќе побара да изврши ревизија на неговата работа.

„Сметаме дека при оценувањето на настаните од претходната војна, недостасува објективен, избалансиран и единствен пристап на сите страни во БиХ и надвор од неа, особено кога станува збор за повреди на меѓународното воено и хуманитарно право и за причините, природата и последиците на воениот конфликт“, изјави Радојчиќ, додавајќи дека Декларацијата најостро ги осудува и отфрла повиците за укинување на РС.

Пратеникот на Српската демократска партија, СДС, Мирослав Којиќ, за БИРН рече дека во БиХ не е направен геноцид, а пратеникот на социјалдемократите, СНСД, Никола Баштинац смета дека Декларацијата е платформа за понатамошен дијалог за помирување во БиХ.

„До помирување нема да дојде доколку некои работи не се коригираат, во смисла дека не постои колективна вина на која било страна“, рече Баштинац.

Претседателот на БОРС, Пантелија Ќургуз, рече дека Декларацијата има за цел, конечно да се дојде до вистината за случувањата во војната.

„Она што се случи треба да го именуваме со вистинското име. Инсистираме и другите да го понесат својот дел од товарот“, истакна Ќургуз.

Иако пратениците, босански Срби, беа “за“ Декларацијата, на нејзината содржина жестоки критики упатија бошњачките пратеници. Потпретседателот на НСРС и пратеник на (бошњачката) партијата СДА, Рамиз Салкиќ, рече дека таа е еднострана.

Нагласи дека оценка за карактерот на војната во БиХ, е дадена во пресудите на Меѓународниот суд на правдата, во кои што се споменува „геноцидот во Сребреница“.

„Дебатата за ова прашање доаѓа во тешко време имајќи ја предвид актуелната политичка и економска ситуација во БиХ. Сметам дека ставовите на сите три страни во БиХ треба да бидат во насока на процесирање на сите злосторства што се одржаа во Босна и Херцеговина, а не само оние извршени против српскиот народ“, рече тој.

„Злосторниците треба да бидат казнети со максимални казни, ако сакаме да продолжиме да живееме во нормална средина“, рече Салкиќ.

Експертите оваа дискусија ја оценија како позитивен знак, затоа што ја покажува подготвеноста на Собранието на босанските Срби да разговара за минатото, но додаваат дека во нејзината изработка треба да бидат вклучени и Бошњаците и Хрватите, а не само Србите.

„Најлесно е ова да се критикува. Сепак треба да ја поздравиме идејата конечно да почне да се зборува за причините за војната. Но, доколку навистина сакаме да зборуваме за ова прашање, ќе ни треба поголемо учество и од страна на Бошњаци и од страна на босанските Хрвати“, смета Александра Летиќ, активист за човекови права.

Таа додава дека проблем преставуваат и критиките во Декларацијата кои што судските пресуди против Србите ги оценуваат како пристрасни.

„Идејата да се ревидираат сите пресуди против босанските Срби, без конкретни докази или аргументи, што ја доведува во прашање работата на Хашкиот трибунал, е доста дискутабилна“, рече Летиќ.

Нејзиното мислење го дели и правниот експерт Вехид Шехиќ, кој вели оти се надева дека идејата да се дискутира за минатото, ќе биде прифатена и во босанскиот државен парламентот.

„Се надевам дека сите ќе ги земат предвид фактите и пресудите на Хашкиот трибунал и дека ќе ги искористат како основа да се дојде до заедничка вистина за војната“, рече Шехиќ.
Денис Џидиќ, Горан Обрадовиќ- Бања Лука

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.