MKDNews.com

Болест од мушичка напаѓа деца, во Македонија регистрирани 16 заболени

јуни 18
12:34 2013

musickiРасте бројот на заболени од лајшманиоза во Македонија, заразна болест која ја пренесува песочна мушичка. Според информациите на Дневник од Институтот за јавно здравје, досега во земјава се пријавени 16 заболени, а децата од пет до 10 години се најмногу на удар. Лајшманиозата предизвиа паника и во Бугарија, откако 6 годишно момче и неколку возрасни лица заболеа од поопасна форма на болеста- кала-азар или висцерална лајшманиоза.

Лани во Македонија имало 13 случаи на заболени од лајшманиоза, додека пак, во 2011 година имало само 2 случаи. Оваа година, од јануари до јуни, со оваа болест се заразиле вкупно 16 лица во Скопје, Прилеп, Битола, Куманово.

– Болеста најчесто се јавува во летните месеци, а резервоар се дивите животни и кучиња, ретко домашните животни и човекот. Предизвикувач е паразит, а заразата се пренесува со убод од песочна мушичка (флеботомус). Kај нас се зголемува бројот на заболени кај децата од пет до 10- годишна возраст. Болеста се јавува во две форми – кожна – кога се јавуваат јазли, како гнојни чирчиња на кожата, а може да биде зафатена и слузницата на устата, грлото и носот. Промените на кожата најчесто спонтано исчезнуваат, но некогаш може да останат и грди лузни, вели д-р Жарко Kараџоски, епидемиолог во Институтот за Дневник.

Докторот објаснува дека болеста може да се јави и како висцерална лајшманиоза и да ги нападне и внатрешните органи – црниот дроб, слезината и тогаш е многу поопасна и може да заврши со смрт.

Дијагнозата се поставува со тестови на крвта, терапијата е антибиотска а чиревите на кожата се мачкаат со раствор на антимон.

– Инкубацијата трае од 10 до 30 дена, а најчесто се јавува како кожна лајшманиоза. И кај ова заболување многу е важно граѓаните да ги спроведуваат мерките за заштита од комарци и други инсекти, бидејќи се пренесува преку убод на песочна мушичка. Мора да се постават мрежи на прозорците и на вратите, но и да се стават мрежи на креветот, ако се преспива во просторија која нема заштитени прозорци. Да се носат блузи со долги ракави и панталони со долги ногавици кога се престојува надвор. Со средства против комарци да се мачка 30 минути пред излегување. Исто така, треба да се празнат кофи и буриња со застоена вода, дури и подлога на саксии и вазни со цвеќе, кои треба добро да се измијат, зашто ларвите од комарците може да останат на рабовите, вели Kараџоски за Дневник.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.