MKDNews.com

БиХ и Хрватска потпишаа договор за процесирање на воените злосторства

јуни 04
16:35 2013

Главните обвинители на Босна и Херцеговина и на Хрватска потпишаа протокол за соработка во процесирањето на случаите на воени злосторства, со што би ги запреле осомничените да ја избегнат правдата преминувајќи ги меѓусебните граници на овие држави.Bosnia.Croatia.Protocol

Протоколот потпишан во понеделникот ќе овозможи поефикасно процесирање на сторителите на воени злосторства што живеат во Босна и Херцеговина и во Хрватска, кои користејќи го двојното државјанство ја избегнуваат правдата, бидејќи и двете држави не ги екстрадираат своите државјани.

„Ние сме за регионална соработка со која ќе покажеме дека воените злосторници нема каде да избегаат за да ја избегнат правдата“, изјави главниот обвинител на БиХ, Горан Салиховиќ, кој го потпиша документот заедно со главниот државен обвинител на Хрватска, Младен Бајиќ, во просториите на делегацијата на ЕУ во Сараево во понеделникот.

Салиховиќ изјави дека врз основа на потпишаниот протокол може да бидат решени повеќе од 50 случаи.

Босанското обвинителството претходно забележуваше дека голем број на случаи не можат да се решат, бидејќи осомничените се во Хрватска и имаат хрватско државјанство.

Салиховиќ ги повика босанските државјани да покажат трпеливост кон босанското судството кое се обидува да се справи со заостанатите случаи на воени злосторства.

„Хашкиот суд за 20 години реши 63 случаи, а ние само во изминатите десет дена од Хашкиот трибунал добивме 40 случаи [за обработка во БиХ]. Ова е причината зошто бараме разбирање, бидејќи никој не треба да манипулира со жртвите“, рече тој.

Бајиќ изјави дека со протоколот се покажува непоколебливата волја на двете држави да ја остварат правдата и јавно да ги објават информациите за злосторствата и за сторителите и во Хрватска и во БиХ.

Питер Соренсен, специјалниот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, кој присуствуваше на церемонијата на потпишување, изјави дека се надева оти протоколот ќе помогне во забрзување на судските постапки.

„Цврсто верувам дека спроведувањето на овој протокол, со помош на ЕУ, ќе помогне во обновување на владеењето на правото и процесот на помирување во регионот“, рече Соренсен.

Сличен протокол беше потпишан во јануари со Србија, кој веќе резултираше со обвиненија, вклучувајќи го и случајот против еден војник, босански Србин, обвинет за убиство на 18 цивили во Бихаќ, северозападна Босна, во 1993 година. Осомничениот по конфликтот живеел во српскиот град Нови Сад.

Според најавите на босанското обвинителство, наскоро ќе биде потпишан протокол за соработка и со државното обвинителство на Црна Гора.

Денис Џидиќ-Сараево

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment