MKDNews.com

17 приведени во полициска акција ” Филтер ” (видео)

јуни 25
12:41 2013

Утринава заедно со кривична пријава и обезбедениот доказен материјал, 17 лица кои беа дел од дваесет члена организирана криминална група инволвирана во криумчарење на цигари, беа изведени пред надлежен Истражен судија.

Имено, криминалната група составена од 19 македонски и 1 бугарски државјанин, се товари дека во периодот од септември 2010 година до септември 2011 година, организирала вкупно 12 нелегални транспорти на цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија.

Последната акција за сузбивање на тутунската мафија која се водеше по Оперативно име „Филтер“, беше реализирана во текот на вчерашниот ден во Скопје, Тетово и повеќе градови низ источна Мпри што беа приведени и организаторите и членовите на добро структурираната криминална група,

Според досега документираните сознанија групата во Септември 2010 година ја создал 47 жител на Скопје, потпомогнат од 41 годишно лице од Тетовое и други пет лица од Скопје, заради вршење на кривични дела криумчарење на цигари. Останатите членови од Струмица, Делчево, Кочани и Берово, кои се на возраст од 25 до 60 години, имале задача илегално да ги пренесуваат цигарите во соседна Бугарија. Како логистика од другата страна на границата им бил 34 годишен бугарски државјанин, кој исто така е опфатен со пријавата. Меѓу пријавените фигурира и еден полициски службеник, вработен во граничната полиција, кој имал задача членовите на групата да ги информира за движењето на полициските патроли по граничната линија.

Инаку, криминалната група се занимавала со организирање на криумчарење и транспорт на акцизна стока – цигари со и без акцизни маркички од Р.Албанија и Косово во Р.Македонија, а потоа од Р.Македонија кон Р.Бугарија. Членовите на групата цигарите ги складирале во магацински простории на територијата на Скопје и околината или во помошни магацински простории лоцирани во близина на македонско- бугарската граница во нивна сопственост. Мал дел од криумчарените цигари членовите на криминалната група ги пуштале во промет и на територијата на Р.Македонија, додека поголемиот дел по нелегалното внесување, повторно ги транспортирале и ги криумчареле во Р.Бугарија, поради тоа што цигарите како акцизна стока, во Р.Бугарија имаат значително поголема вредност (споредено со малопродажните цени во РМ), што на организираната група и носела значително поголем нелегален профит.

Членовите на криминалната група имале строго зацртани задачи во хиерархијата. Организаторот и неговите помагачи набавувале цигари од странство и го организирале криумчарењето до Р.Македонија и од Р.Македонија во странство, плаќањето на цигарите, складирањето на територијата на РМ, обезбедувањето на транспортот, како и продажбата на цигарите во земјава и во странство. Истите имале организирана мрежа на транспортери кои ги транспортирале цигарите до источниот дел на Р.Македонија на подрачјата на Крива Паланка, Делчево, Кочани, Берово, Струмица каде што ги предавале цигарите на останатите членови на групата.

Целата операција на МВР за сузбивање на оваа група се работеше подолго време така што покрај овие 20 лица, претходно се кривично пријавени, дополнителни шеснаесет члена на оваа криминална група (12 македонски и 4 бугарски државјани) – транспортери на цигари кои во временскиот период од септември 2010 година до септември 2011 година се обиделе да извршат 12 транспорти на вкупно 2.976.220 парчиња на цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија. Овие транспорти на цигари од страна на МВР на РМ се спречени, при што вкупната вредност на запленетите цигари изнесува околу 8.000.000,00 денари.

Вчера, со судска наредба, беа извршени и 17 претреси во домовите на членовите на криминалната група при што се пронајдени поголема количина рефус цигари (3 пакети), неколку килограми марихуана, 100 пакети енергетски пијалак РЕД БУЛ (нелегално внесен од Косово), над 15.000 евра, 341 штеки цигари без акцизни маркички, 3.983 македонски акцизни маркички за кои се претпоставува дека се фалсификувани и едно патничко моторно возило користено за вршење на кривичните дела.

Тројца од осомничените вчера не и беа достапни на полицијата и против истите ќе се преземат дополнителни мерки за нивно пронаоѓање. Против сите 20-мина членови на криминалната група до Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела „Криумчарење“.

Паралелно со реализирањето на оваа акција, МВР по претходни добиени оперативни сознанија пресече уште еден меѓународен канал за криумчарење на цигари. Откриени се повеќе лица од Делчево кои подолг временски период се занимавале со криумчарење на акцизна стока – цигари на подрачјето на Делчево кон Р. Бугарија. По превземени оперативни мерки неколкумина од нив се приведени и од истите се одземени 700 штеки цигари, од кои 600 штеки ЈОРК и 100 штеки БЕНСТОН, со бандерола и едно моторно возило – трактор.

Борбата против криумчарењето акцизни и други видови стоки и натаму останува приоритет на МВР. Во минатото беа реализирани голем број случаи како „Пепел“, откривани нелегални магацини и документирани незаконитости во работењето на тутунските комбинати. Од 2006 година наваму, откриени се преку 600 кривични дела од оваа област за кои беа пријавени над 770 сторители. Во полициските акции беа запленети приближно 22,5 тони дробен тутун, 25 тони различни цигари и над 330 000 штеки цигари.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.