MKDNews.com

Тројца Срби го извршиле убиството на Тушевски и Јанев, Бошкоски знаел, а молчел

јули 24
11:47 2012

policiska-kola Тројца српски државјани се осомничени дека пред 11 години го извршиле двократното убиство на тогаш триесет и седумгодишниот Марјан Тушевски и дваесет и тригодишниот Кире Јанев во скопската населба Тафталиџе.Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, обвинителството и полицијата го сомничат, дека знаел за овие информации, но не преземал ништо.

Министерството за внатрешни работи утрово по барањето на Основното јавно обвинителство обезбеди девет лица, поранешни вработени и функционери во МВР.

“Вкупно се осомничени 15 лица, од кои деветмина утрово се приведени од страна на полицијата. По уште шест лицата за кои постои сомнение дека биле инволвирани во убиството, се’ уште се трага. Четири лица се странски државјани, а деветмина се македонски државјани“, изјави денеска помошник министерот за односи со јавност во МВР Иво Котевски.

Меѓу обезбедените, како што информираат од МВР, се Зоран Трајковски, кој во тоа време бил шеф на обезбедување на Бошкоски, Сашко Јовановски –Тупан вработен во Шестата управа.Тројцата Срби, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ, директни извршители на убиството, во моментов се во бегство и доколку биде потребно по нив ќе биде распишана меѓународна потерница.

Недостапни за полицијата се и неколку од македонските државјани, поранешни вработени во МВР.

Убиството беше извршено на 10-ти јули додека двајцата излегувале од едно од кафулињата на улицата Атинска во скопската населба Тафталиџе.

Убијците, за кои се претпоставува дека биле професионалци, прво со 11 куршуми го усмртиле Тушевски, а потоа со еден куршум го убиле Јанев на стотина метри подалеку додека тој се обидувал да избега.

Во моментов приведените за двократното убиство се на распит пред истражен судија. Бошкоски, кој инаку одлежува затворска казна во “Идризово“, се’ уште не дал изјава. Мотивите за убиството засега офицјално се непознати, но неофицјално се зборува, дека Тушевски и Јанев биле убиени поради пари.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment