MKDNews.com

СМК Повторно бара прием на Макединија во ООН под уставно име

јули 24
14:08 2012

smk-press-5-12Светскиот Македонски Конгрес денес поднесе Иницијатива до Собранието на Република Македонија за донесување на Декларација за воспоставување на државното име Македонија во Организацијата на Обединетите Нации со предлог Резолуција до Генералното Собрание на Обединетите Нации.

Тоа на прес конференција го соопштија претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и шефот на постојаната мисија на Светскиот Македонски Конгрес при Обединетите Нации проф. Нестор Огинар, заедно со генералниот секретар на СМК Ниче Димовски и претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов.

Со Декларацијата се бара Собранието на Македонија да утврди дека “Република Македонија како самостојна и суверена држава, го воспоставува државното име Македонија во Организацијата на Обединетите Нации. Предлог-Резолуцијата за воспоставување на државното име Македонија во Организацијата на Обединетите Нации на македонски и на англиски јазик е составен дел на оваа Декларација, а да ја поднесе министерот за надворешни работи на Република Македонија. Предлог-Резолуцијата е основа за воспоставување на државното име Македонија на истиот начин и постапка во сите меѓународни органи, организации и заедници и сојузи на држави.“

Предлог-Резолуцијата до Генералното Собрание гласи: “Државата со привремено обраќање за сите цели во рамките на Обединетите нации како “поранешна Југословенска Република Македонија” во согласност со Резолуцијата 47/225 на Генералното собрание на ОН, го продолжува своето членство во Обединетите Нации со нејзиното уставно име Република Македонија.“

Македонија од 194 држави членки на Обединетите Нации, под државното име е призната од 133, а Резолуцијата во Генералното Собрание се донесува со мнозинство гласови од присутните во моментот на гласањето.

Со Резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 година, Генералното собрание ја прими Република Македонија во членство на Обединетите Нации, со привремено обраќање за сите цели во рамките на Обединетите нации како “поранешна Југословенска Република Македонија” заради разликата за државното име со Република Грција, а врз основа на согласност од тогашниот претседател на Република Македонија.

За жал, разговорите во врска со Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното Собрание на Обединетите Нации и после 20 години не дадоа никаков суштински резултат, а правните последици по државата и граѓаните се бројни и големи.

Основа за донесување на оваа Резолуција во Генералното Собрание на Обединетите Нации е Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година, посебно толкувањето на дополнителните услови за прием на кандидат во Обединетите Нации, и Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации 197/III/1948 од 8 декември 1948 година со којашто се прифаќа советодавното мислење од Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година, кои укажуваат дека незаконити се дополнителни услови за прием на нови држави во членство на Обединетите Нации, надвор од условите содржани во членот 4 на Повелбата на Обединетите Нации.

Доколку овластените предлагачи пратеник или Владата не ја прифатат Иницијативата, Светскиот Македонски Конгрес ќе покрене постапка на собирање потписи од најмалку 10.000 граѓани, кои како овластени предлагачи ќе ја предложат Декларацијата во Собранието на Македонија. Потписите треба да се соберат пред овластените канцеларии за избирачки списоци во рок од најмалку три месеци од денот на отпочнувањето на нивното собирање, а претседателот на Собранието е должен да ја стави на дневен ред на првата седница на Собранието најдоцна во рок од 30 дена и пратениците да гласат по Декларацијата.

Со Декларацијата се затвора прашањето за државното име Македонија во Обединетите Нации, таму каде е отворен спор по барање на Грција а со согласност на тогашната власт во Македонија. Македонија треба да го продолжи своето членство во Обединетите Нации под државното име Македонија со можност за употреба на уставната додавка “Република“, како јасна разлика од истоимената северна грчка провинција и југо-западна бугарска провинција Македонија, независно од историските хипотеки. И Европската Унија и НАТО декларираа дека ќе ги почитуваат одлуките на Обединетите Нации по ова прашање. Во Обединетите Нации правото на самоидентификација и правото на самоопределување се универзални неотуѓиви и неприкосновени права! Прашањето за државното име Македонија во Обединетите Нации е независно од членството на Македонија во други меѓународни организации и сојузи на држави!

Во пресрет на посетата на генералниот секретар на Обединетите Нации Н.Е. Бан Ки Мун и медијаторот Метју Нимиц на Република Македонија, Светскиот Македонски Конгрес упати отворено писмо до нив, во кое ги информира дека Македонците од Република Македонија, Македонците во соседните земји на Република Македонија и Македонците во целиот свет:

  1. со индигнација го отфрлаат расистичкото времено обраќање за државата Македонија во системот на Обединетите Нации – “поранешна Југословенска Република Македонија“ од 1993 година, што претставува флагрантно кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите Нации и Универзалната декларација за човекои права, како и на правото на самоопределување и самоидентификација како универзално, неотуѓиво и неприкосновено право;
  2.  бараат итен и безусловен прекин на разговорите за разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Република Грција и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија со уставната додавка “Република“, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК, односно МКД и нотификација на македонскиот народ и македонскиот јазик, како јасна разлика од истоимената северна грчка провинција и југо-западна бугарска провинција Македонија, што ќе се потврди со Резолуција на Генералното Собрание на Обединетите Нации; и
  3. бараат Генералното Собрание на Обединетите Нации да организира расправа (која ја започна во 1948 година за т.н. “деца бегалци“ а не ја заврши) и да донесе Резолуција за државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Северна Грција (Егејскиот дел на Македонија) од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година врз кои е извршен геноцид кој трае до денес. Станува збор за илјадници Македонци од повеќе генерации, поради етничко чистење насилно прогонети во целиот свет, без право на враќање на државјанствата и остварување на граѓанските, имотните и наследните права.

Истовремено, со ова отворено писмо СМК укажува дека независно од историските хипотеки, Македонците во целиот свет:

  1.  ги охрабруваат претседателите на двете држави да потпишат Декларација за историско македонско-грчко помирување (или за заемно македонско-грчко разбирање и почитување),
  2.  ги поттикнуваат владите на двете држави да склучат Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Грција, што ќе ја замени македонско-грчката Привремена Согласност од 13 септември 1995 година, и
  3.  како трајно решение за прашањето на државното име Македонија ја претпочитаат “ирската формула“, што подразбира поделена сувереност на островот Ирска меѓу државата Ирска и Обединетото Кралство, имено: државата Ирска со уставната додавка “Република“ како “Република Ирска“ и северниот дел од островот Ирска со географската одредница “Северна“ како “Северна Ирска“, што претставува дел од Обединетото Кралство со Велика Британија! Соодветно, поделена сувереност меѓу државата Македонија и Република Грција на регионот Македонија, што значи: државата Македонија со уставната додавка “Република“ како “Република Македонија“ и јужниот дел на регионот Македонија како северна грчка провинција Македонија во рамките на Република Грција.

Отвореното писмо, заедно со Предлог Резолуцијата се доставени до седиштето на Обединетите Нации во Њујорк и канцеларијата на Обединетите Нации во Скопје.

Од државниот протокол побарана е средба на делегација на Светскиот Македонски Конгрес, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на Македонците со исламска религија, со генералниот секретар на Обединетите Нации Н.Е. Бан Ки Мун за време на престојот во Македонија, и лично да му се предаде отвореното писмо.

За предлог-Резолуцијата за воспоставување на државното име во Обединетите Нации, Светскиот Македонски Конгрес организира петиција на интернет, до Обединетите Нации. И во оваа прилика СМК апелира до сите Македонци и пријатели на Македонија, да ја потпишат петицијата. Потпишувањето ќе трае до есенското заседание на Генералното Собрание на Обединетите Нации што започнува во септември годинава.

На 25 јули 2012 година, среда, Светскиот Македонски Конгрес организира мирен протест пред Собранието на Македонија, каде што генералниот секретар Н.Е. Бан Ки Мун ќе се обрати пред пратениците во 11 часот. Мирниот протест е под мотото “Стоп на разговорите за името Македонија“ и “Стоп на грчкиот геноцид врз Македонците“. Протестот ќе почне во 10 часот и ќе трае до заминувањето на генералниот секретар од Собранието на Република Македонија.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.