MKDNews.com

СМК: Отворено писмо до Бан Ки Мун и Метју Нимиц

јули 25
19:49 2012

smk-promemorija

Бидејќи не се оствари лична средба на делегација на Светскиот Македонски Конгрес, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Матицата на иселениците од Македонија и Сојузот на Македонците со исламска религија со генералниот секретар на ООН, отвореното писмо со предлог-резолуцијата за воспоставување на државното име во Обединетите Нации преку Министерството за надворешни работи од Канцеларијата на Обединетите Нации во Македонија им беше предадено на генералниот секретар на ООН Н.Е. Бан Ки Мун и на медијаторот г. Метју Нимиц.

 

Отвореното писмо го објавуваме во целост.

До
Неговата Екселенција Бан Ки Мун
Генерален секретар на Обединетите Нации

Доставено и до медијаторот г. Метју Нимиц

Предмет: Отворено писмо за државното име Македонија и геноцидот врз насилно прогонетите Македонци Република Грција од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна 1946-1949 година

Ваша Екселенцијо,

Ве информираме, дека Македонците од Република Македонија, Македонците во соседните земји на Република Македонија (*) и Македонците во целиот свет:

(1) Со индигнација го отфрлаат расистичкото времено обраќање за државата Македонија во системот на Обединетите Нации од 1993 година – “поранешна Југословенска Република Македонија“, што претставува грубо кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите Нации и Универзалната декларација за човекови права, како и на правото на самоопределување и самоидентификација како универзално, неотуѓиво и неприкосновено право.

(2) Бараат итен и безусловен прекин на разговорите за разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Република Грција и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија со уставната додавка “Република“, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК, односно МКД и нотификација на македонскиот народ и македонскиот јазик, како јасна разлика од истоимената северна грчка провинција и југо-западна бугарска провинција Македонија, што ќе се потврди со Резолуција на Генералното Собрание на Обединетите Нации.

(3) Бараат Генералното Собрание на Обединетите Нации да организира расправа (која ја започна во 1948 година а не ја заврши за таканаречените “деца бегалци“ – насилно прогонети Македонци од Република Грција) и да донесе Резолуција за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Северната грчка провинција Македонија, од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, врз кои е извршен геноцид кој трае до денес. Станува збор за илјадници Македонци од повеќе генерации, поради етничко чистење насилно прогонети во целиот свет, без право на враќање на државјанствата и остварување на граѓанските, имотните и наследните права бидејќи не се “Грци по род“.

Ваша Екселенцијо,

Независно од историските хипотеки (**), Македонците во целиот свет:

(1) Ги охрабруваат претседателите на двете држави да потпишат Декларација за историско македонско-грчко помирување (или за заемно македонско-грчко разбирање и почитување), со којашто:

(1.1) се прокламира историско македонско-грчко помирување (или заемно разбирање и почитување);

(1.2) се потврдува неповредивоста на македонско-грчката граница; и

(1.3) се прифаќа дека културата и историјата на Македонија се дел од културно-историското наследство на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната гео-политика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

(2) Ги поттикнуваат владите на двете држави да склучат Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Грција, што ќе ја замени македонско-грчката Привремена Согласност од 13 септември 1995 година.

(3) Како трајно решение за прашањето на државното име Македонија ја преферираат “ирската формула“, што подразбира поделена сувереност на островот Ирска меѓу државата Ирска и Обединетото Кралство, имено: државата Ирска со уставната додавка “Република“ како “Република Ирска“ и северниот дел од островот Ирска со географската одредница “Северна“ како “Северна Ирска“, што претставува дел од Обединетото Кралство со Велика Британија! Соодветно, поделена сувереност меѓу државата Македонија и Република Грција на регионот Македонија, што значи: државата Македонија со уставната додавка “Република“ како “Република Македонија“ и јужниот дел на регионот Македонија како северна грчка провинција Македонија во рамките на Република Грција.

Ваша Екселенцијо,

Ве молиме, имајте ги предвид следните факти:

(1) Прашањето за државното име Македонија е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога македонскиот народ и граѓаните на државата Македонија во апсолутно мнозинство гласаа “за самостојна и суверена држава Македонија“ без додавки и без придавки. Одлуката на референдумот е задолжителна за сите институции на власта!

(2) Поради тензиите по прашањето за државното име Македонија во соседните метрополи, по дисолуцијта на поранешна СФР Југославија и независноста на државата Македонија, првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија, како израз на добра волја, наместо Устав на Држава Македонија, донесе Устав на Република Македонија, како јасна дистинкција од истоимената северна грчка провинција Македонија и југо-западна бугарска провинција Македонија. Со тоа Собранието на Република Македонија недвосмислено декларира дека независно од историските хипотеки, културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право и Република Македонија нема врз нив да воспостави монопол.

(3) Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија на Европската Заедница, во согласност со Насоките за признавање на новите држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз и Декларацијата за Југославија, усвоени од Советот на Европската Заедница на 16 декември 1991 година, на 11 јануари 1992 година утврди дека „употребата на името Македонија не содржи какви и да е територијални претензии кон друга држава“.

(4) Собранието на Република Македонија на 6 јануари 1992 година усвои амандмани на Уставот на Република Македонија, според кои декларира дека нема територијални претензии кон соседните држави и дека во грижата за положбата и правата на Македонците во соседните држави нема да се меша во нивните внатрешни работи.

(5) Врз основа на македонско-грчката Привремена Согласност од 13 септември 1995 година, Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за знамето на Република Македонија, со којшто се промени шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце од знамето на Република Македонија.

(6) Со Резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 година, Генералното собрание ја прими Република Македонија во членство на Обединетите Нации, со привремено обраќање за сите цели во рамките на Обединетите нации како “поранешна Југословенска Република Македонија” заради разликата за државното име Македонија со Република Грција, а врз основа на согласност од тогашниот претседател на Република Македонија.

(7) За жал, разговорите за разликата за државното име во врска со Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното Собрание на Обединетите Нации и после 20 години не дадоа никаков суштински резултат, а правните последици по државата и граѓаните и по меѓународното право, се бројни и големи.

(8) Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година, посебно толкувањето на дополнителните услови за прием на држава кандидат во Обединетите Нации, и Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации 197/III/1948 од 8 декември 1948 година со којашто се прифаќа советодавното мислење од Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година, укажуваат дека незаконити се дополнителни услови за прием на нови држави во членство на Обединетите Нации, надвор од членот 4 на Повелбата на Обединетите Нации.

(9) Приемот на Македонија во Обединетите Нации под временото обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“ не е во согласност со: (1) ставовите 1 и 7 на членот 2 и ставот 1 на членот 4 од Повелбата на Обединетите Нации, (2) Интерпретацијата на ставот 1 на членот 4 од Повелбата на Обединетите Нации, по барање на Генералното собрание на Обединетите Нации содржано во Резолуцијата 113(II) од 1947 година за советодавно мислење по прашањето за поставување на дополнителни услови за прием во членство на Обединетите Нации во однос на оние содржани во членот 4 од Повелбата на Обединетите Нации, утврдена како одговор на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 28 мај 1948 година по ова барање, а прифатена од Генералното собрание на Обединетите Нации со Резолуцијата 197(III-A) од 1948 година, (3) Декларацијата за принципите на меѓународното право од 1970 година, (4) членот 83 од Виенската конвенција за претставување на државите во нивните односи со меѓународните организации од универзално значење од 14 март 1975 година, и (5) Виенската конвенција на ООН за договорите меѓу државите и меѓународните организации или помеѓу меѓународните организации од 20 март 1986 година.

(10) Со Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното Собрание на Обединетите Нации, Македонија не прифатила ниту презела обврска за промена на државното име, туку само да разговара за разликата по своето државно име со јужниот сосед Грција под незаконити услови. Во оваа Резолуција недвосмислено се вели дека “државата со апликација во документот број S/25147 ги исполнува условите за прием во Обединетите Нации“. Понатаму, се повторува дека „заради разликата за името, на државата со апликација во документот број S/25147, за целите на Обединетите Нации времено ќе и’ се обраќаат со “поранешна Југословенска Република Македонија“. Апликацијата на државата Македонија во документот S/25147 е под името Република Македонија!

(11) Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите Нации ги пречекориле овластувањата (ultra vires акти) по прашањето на приемот на државата Македонија во членство на оваа меѓународна меѓувладина организација. Ниту власта во Македонија во тоа време имала активна легитимација на согласност за прием на државата Македонија во Обединетите Нации под времено обраќање, ниту Обединетите Нации имале овластување да ја повредат законитоста за прием на државата Македонија во членство на Обединетите Нации под времено обраќање и со обврска да разговара за разликата за своето државно име со друга држава членка на Обединетите Нации, во случајов со Република Грција.

(12) И со македонско-грчката Привремена Согласност од 13 септември 1995 година, државата Македонија ниту го прифатила временото обраќање во Обединетите Нации за ново меѓународно име, ниту прифатила членство во меѓународни организации под тоа име! Времената согласност НЕ претставува обврска Македонија да пристапува во меѓународни организации под име различно од нејзиното државно кое истовремено претставува и меѓународно, затоа што Македонија нема име за внатрешна и име за надворешна (меѓународна) употреба! Нашето државно име се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија и за дома и за цел свет и во домашното и во меѓународното право.

(13) Во членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност, единствено е утврдено дека Грција се согласила „да не се противи на пристапување или полноправно зачленување на Македонија во меѓународни, мултилатерални и регионални организации и институции на кои Грција веќе е член“, освен во случај на нејзино различно ословување од временото обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“ нотирано во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Значи, Македонија секоја своја апликација, во секое време, на секое место и во секоја организација, има право да ја поднесе под името МАКЕДОНИЈА. Грција има право само да се противи, а не и да става ВЕТО! По тужба на Македонија, Меѓународниот суд во Хаг со пресуда од 5 декември 2011 година утврди дека Република Грција го прекршила членот 11 од Привремената Согласност и дека државата Македонија може да аплицира во сите меѓународни организации под своето државно име, а не под име или времено обраќање различно од своето државно име. Одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Хаг се обврска и за Обединетите Нации и за нејзините држави членки.

Ваша Екселенцијо,

Македонците од целиот свет од Република Грција очекуваат:

(1) да изрази јавно извинување за сите досега сторени историски и општествени неправди кон Македонците,

(2) да ги почитува нивните човекови и граѓански права и слободи во Република Грција, и

(3) да ги поништи сите инструменти и пречки во правниот режим заради слободен пристап до сите датотеки за остварување на правото на државјанство, граѓанските, имотните и наследните права на сите насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Солидарноста со незаконитото барање на Атина за промена на државното име Македонија, за Македонците во целиот свет претставува злосторство против човештвото, геноцид врз македонскиот народ и повреда на Универзалната декларација за човекови права, Повелбата на Обединетите Нации и на меѓународното право, како и грубо мешање во внатрешните работи на една суверена држава, негација на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет и повреда на добрососедските односи.

Ваша Екселенцијо,

Ќе Ви бидеме благодарни доколку ги имате во предвид наводите во ова отворено писмо по прашањата за коишто се однесуваат.

Ве молиме, овој допис дистрибуирајте го до мисиите на државите членки во Обединетите Нации.

Во очекување на Ваш одговор, Ви благодариме на вниманието.

Со почит,

Дел.број 0118/2012
24 јули 2012 година
Скопје

Прилог: Предлог-Резолуција за за воспоставување на државното име Македонија во Организацијата на Обединетите Нации

Претседател на Светскиот Македонски Конгрес
Тодор Петров

Генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес
Ниче Димовски

Шеф на Постојаната Мисија на Светскиот Македонски Конгрес при Обединетите нации во Њујорк
проф. Нестор Огинар

Претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејот МАКЕДОН
Ташко Јованов

Претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија
Исмаил Бојда

______________________________________________________
(*) Владата на Република Бугарија не признава постоење на Македонци и ги смета за Бугари. Владата на Република Грција не признава постоење на Македонци и ги смета за Грци. Владата на Република Албанија признава само околу 5.000 Македонци како малцинство во областа Мала Преспа околу Преспанското Езеро, но не ги признава Македонците во другите делови на Република Албанија. Владата на Република Србија признава македонско малцинство и има меѓудржавна спогодба со Владата на Република Македонија за положбата и правата на македонското малцинство во Република Србија и за положбата и правата на српското малцинство во Република Македонија.

(**) Со Руско-Турскиот Мировен Договор од 3 март 1878 година од Сан Стефано во близина на Истанбул; Берлинскиот Конгрес од 13 јуни до 13 јули 1878 година; Лондонската Мировна Конференција во 1913 година; Првата и Втората Балканска Војна (1912-1913 година); Букурешкиот договор од 28 јули до 10 август 1913 година; Првата Светска Војна (1914-1918 година); Нејската Конвенција за заемно преселување на населението меѓу Бугарија и Грција од 27 ноември 1919 година; Лозанската Конвенција за замено преселување на населението меѓу Турција и Грција од 30 јануари 1923 година; Втората Светска Војна 1940-1945 година и Граѓанската Војна во Грција (1946-1949 година); е разбиена гео-политичката, етничката и економската целина на македонскиот народ.

Македонија како етно-историска територија на македонскиот народ, по Првата и Втората Балканска Војна (1912-1913 година), со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, беше поделена и окупирана меѓу сојузничките земји: Грција доби 34.869 км2 (Егејскиот дел на Македонија), Бугарија доби 6.729 км2 (Пиринскиот дел на Македонија), Србија доби 25.744 км2 (Вардарскиот дел на Македонија), а неколку км2 задржа и Албанија (Областа Мала Преспа во околината на Преспанското Езеро). Од тогаш започнува геноцид и егзодус врз Македонците под албанска, бугарска, грчка и српска окупација.

___________________________________________________________

предлог

ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

ИМАЈЌИ го предвид советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година, посебно толкувањето на дополнителните услови за прием на кандидат во Обединетите Нации,

ИМАЈЌИ ја предвид Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации 197/III/1948 од 8 декември 1948 година со којашто се прифаќа советодавното мислење од Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година,

КОНСТАТИРАЈЌИ дека разговорите во врска со Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното Собрание на Обединетите Нации не дадоа никаков суштински резултат,

КОНСТАТИРАЈЌИ дека при приемот на кандидатот се поставени дополнителните услови надвор од членот 4 од Повелбата, во согласност со дефиницијата од советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 28 мај 1948 година и Резолуцијата 197/III/1948 од 8 декември 1948 година на Генералното Собрание на Обединетите Нации, и

ПОЧИТУВАЈЌИ ги принципите во членовите 2 и 4 од Повелбата на Обединетите Нации,

донесе

РЕЗОЛУЦИЈА

Државата со привремено обраќање за сите цели во рамките на Обединетите нации како “поранешна Југословенска Република Македонија” во согласност со Резолуцијата 47/225 на Генералното собрание на ОН, го продолжува своето членство во Обединетите Нации со нејзиното уставно име Република Македонија.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.