MKDNews.com

Кој го подметна пожарот во Струмица?!

јули 24
14:38 2012

pozar.str1МВР повика на разговор неколку лица за кои верува дека имаат информации кои ќе помогнат за утврдување на причините за предизвикувањето на пожарот во Струмица. Досегашните искуства покажале дека 90 отсто од пожарите се предизвикани од човечки фактор.

Причината за пожарот во Струмица според досегашната истрага најверојатно е човечки фактор. Но, кој го предизвикал огнот ?! Полицијата на информативен разговор повикала неколку луѓе, за кои се сомнева дека се виновни за пожарот.

– Во моментов се работи на утврдување дали намерно или ненамерно е подметнат пожарот. Во СВР Струмица повикани се неколку граѓани и со нив се вршат службени разговори за евентуално утврдување нивна одговорност при подметнување на пожарот, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Во 90 проценти од случаите, пожарите се предизвикани од човечки фактор, вели за Канал 5 директорот на „Македонски шуми“ Жарко Караџоски. Но, според него најголем дел се последица од невнимание, а многу малку се намерно предизвикани како на пример тој неодамна во светиниколско Патетино. Најчесто луѓето палат стрништа и земјоделски површини, а кога ќе задува ветрот тогаш веќе огнот не може да се контролира. Пред неколку години тројца вработени од Јавното комунално претпријатие од Петровец беа притворени и осомничени дека палејќи смет, го пламнале пожарот во Катлановско. Казните за оние кои предизвикале опасност се движат од една до десет години затвор.

– Апелирам до граѓаните да избегнуваат движење во шуми во периодот кој доаѓа и да се воздржат од палења на стрништа, од земјоделски површини се со цел да не направиме штета која после тоа тешко ќе ја надоместиме. – предупредува Зоран Коњановски – заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според податоците на „Македонски шуми“ од 1998 година досега финансиски најголема штета од пожарите имало во 2000 година, кога изгореле 33.000 хектари шума или 570.000 кубни метри дрва. Штетата од тие пожари била 16 милиони евра. И 2007 била пеколна година. Тогаш имало 620 пожари, изгореле 40.000 хектари шума и 400.000 метри кубни дрва. А со дрвата пеплосале околу 11 милиони евра. Од почетокот на годинава заклучно со јуни имало 175 пожари, а досегашната штета е милион и триста илјади евра. Летото е на половина. Температурите му одат во прилог на огнот. Единствено нешто што може да се стави под контрола е човечката свест.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.