MKDNews.com

Почина Љубисав Иванов – Ѕинго

Почина Љубисав Иванов – Ѕинго
ноември 17
19:28 2020

Денеска почина Љубисав Иванов Ѕинго, сопруг, татко и дедо, стопанственик, политичар и спортски работник.

Ѕинго е роден 1936 година во село Трновац, Општина Кратово.

Завршил Рударски факултет во Белград и првото вработување му е во Силекс. Од мала фирма Ѕинго како директор на Силекс успеа да направи економски гигант кој што вработуваше илјадници луѓе.

Целиот свој живот го посвети на развојот на Кратово и Македонија, успеа со растот на компанијата Силекс да го запре иселувањето од Кратово и да го воздигне оваа градче од Источна Македонија. Подоцна растот на Силекс продолжи и низ другите градови во Македонија и стана една од најуспешните фирми во тогашна Југославија. Во 1989 година Ѕинго заедно со Силекс за посебни резултати во стопанството ја доби најголемата награда во Југославија, наградата 29 Ноември, добитник е и на низа општествени награди во Македонија.

Во времето на Југославија беше 21 година Пратеник во Сојузното собрание во Белград а по осамостојувањето на Македонија, беше во континуитет пратеник 20 години во Собранието на Република Македонија и ќе биде запаметен како пратеник со најдолг пратенички стаж. За Претседател на Социјалистичката Партија на Македонија е избран во Јули 1995 година и беше на оваа функција до денеска.

Љубисав Иванов Ѕинго беше голем вљубеник во спортот, го формираше ФК Силекс кој што стана еден од најуспешните Македонски Фудбалски Клубови, беше Претседател на Фудбалскиот Сојуз на Македонија во периодот од 1993 до 1999 година, под негово водство Фудбалскиот сојуз на Македонија стана полноправен член на најважните фудбалски организации, ФИФА и УЕФА.

Сите кои го познаваа, знаеа колкав патриот, Македонец беше Љубисав Иванов Ѕинго, ја сакаше Македонија од дното на душата, искрено и посветено се бореше за добробитта на сопствената држава до денеска. Неговите дела, изградени фабрики, рудници, хотели, телевизија, илјадниците вработени, препороденото Кратово, политичкиот ангажман, спортските успеси, ке останат во вечно секавање на сегашните генерации и идните поколенија.

Погребот е утре од 10.00 часот на гробиштата во Кратово.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Следете не

  • Следете не на google +
  • Посетете го нашиот YouTube канал

Барај Вести

Време