MKDNews.com

Во Финска слета авион од Скопје со 24 патници позитивни на ковид-19

Во Финска слета авион од Скопје со 24 патници позитивни на ковид-19
август 11
13:10 2020

Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од земји со висок ризик, откако 24 од 157 патници кои пристигнале од Скопје во Финска, беа позитивни на ковид-19, изјави министерката за семејни работи и социјални услуги Криста Киуру,објави Ројтерс.

Министерката информира дека на аеродромот Турку во Финска во саботата било организирано доброволно тестирање на сите патници кои пристигнале со летот од Скопје, откако властите утврдиле дека два авионски летови од Северна Македонија и Романија, се главни извори на нови инфекции со коронавирус во Финска.

– Бројот на нови инфекции претежно доаѓа од Балканот – рече Киуру осврнувајќи се на неодамнешниот пораст на инфекции во Финска.

 

Најголемиот дел од луѓето кои патувале со авионот од Скопје кон Турку, Финска, биле патници со косовски пасош – дури 95 лица, а само двајца од патниците патувале со македонски пасош, информираше Министерството за здравство, откако во јавноста се пласираше информацијата дека во Финска слетал авион од Скопје со 24 патници позитивни на коронавирусот.

„Во однос на информациите за летот од Скопје до Турку, Финска, каде што според финските власти од авион со 157 патници, по доброволното тестирање, 24 биле позитивни на коронавирус, Министерството за здравство по проверка на информациите со службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција информира дека станува збор за патници, иселеници, коишто доаѓаат во Македонија, или транзирираат преку Македонија од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за коишто со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата. Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши. Министерството за здравство собира информации од финските власти, за тоа кои се 24 патници позитивни на вирусот, дали станува збор за неколку семејства или се поединечни случаи, каков тип на тестови им биле направени, а Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во нашата земја. По добивање на информациите за позитивните веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите кои тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја“, наведено е во соопштението од Министерството за здравство.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар