MKDNews.com

Охрид SOS: Намерно се одолговлекува процесот за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје

Охрид SOS: Намерно се одолговлекува процесот за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје
декември 10
08:35 2019

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ обвини за одолговлекување на процесот за номинација на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје. Според иницијативата за тоа директна вина сносат службеници во Министерството за животна средина и просторно планирање и членови на Македонскиот рамсарски комитет. Поради тоа Охрид SOS испрати отворено писмо до Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, Владатa, Рамсарскиoт секретаријат, УНЕСКО, ЕУ делегацијата во Македонија и јавноста.

-Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. уште во октомври 2017 г. поднесе формална иницијатива до МЖСПП за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје. Од поднесувањето на иницијативата до денес службеници во спомнатите институции континуирано ги подриваат сите обиди на Охрид ЅОЅ за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишкото блато за Рамсар подрачје иако постојат повеќе национални стратегии за биолошка разновидност со акциски планови (Национална стратегија за биолошка разновидност 2004, Национална стратегија за биолошка разновидност 2014, Национална стратегија за биолошка разновидност 2018-2022) изработени токму од МЖСПП, каде што е наведено дека номинирањето на ова подрачје за Рамсарско место е еден од приоритетите на владата, конкретно поради фактот што Студенчишко блато е идентификувано како едно од најзагрозените низински блатни/водни живеалишта во земјата. Во Нацрт-планот за управување со Охридскиот регион стои дека „прогласувањето на рамсарски места во Охридскиот регион треба да добие повисок приоритет“. – велат од Охрид SOS.

Граѓанската иницијатива тврди дека посочените институции дури исфрлиле нејзин претставник од состанок и ја опструираат постапката за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како Рамсар подрачје, наводно поради немање доволно научно сознанија и релевантни истражувања и информации за процесот, што е спротивно на дописот од Рамсарскиот секретаријат до МЖСПП и МРК од јули 2018 г., укажуваат од Охрид SOS.

„Убедени сме дека со постоечкото знаење и поновите студии на македонските и меѓународните експерти се обезбедени доволно информации, податоци и сознанија за Охридско Езеро и Студенчишко блато да бидат номинирани на листата на водни живеалишта од меѓународно значење според Рамсарската конвенција“. Нагласуваме, Охридското Езеро и Студенчишкото Блато ги задоволуваат сите девет критериуми, а за да се номинира подрачјето е доволно да задоволуваат само еден! 

И МЖСПП го потврдува овој факт кога го наведува следново во Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план од 2014 г. и потоа од збор до збор го повторува во Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план 2018-2023:

„Неопходно е подобрување на управувањето со меѓународно заштитените подрачја во земјата (повеќето од нив се прекугранични). Дојранското и Преспанското Езеро се под меѓународна заштита согласно Рамсарската конвенција, но Охридското Езеро, кое со сигурност ги исполнува критериумите за прогласување на водно живеалиште од меѓународно значење, сѐ уште не е номинирано.“ – стои во отвореното писмо на Охрид SOS, испратено до надлежните институции.

За да се олесни процесот, Охрид SOS ја изготви потребната апликација која требаше да ја подготват институциите, кои единствено може да ја поднесат и истата позитивно беше оценета од Рамсарскиот секретаријат, велат од граѓанската иницијатива

-Во текот на изработката на апликацијата бевме во постојана комуникација со Рамсарскиот секретаријат, од каде што ни беа предложени минорни измени на документот кои веднаш ги внесовме. МЖСПП презеде обврска предложените граници на Рамсарското подрачје, дефинирани од наши и експерти од SWS, да ги исцрта во ГИС формат – прилика која ја искористи за понатамошно одолговлекување на процесот. Најпосле, и таа задача беше завршена од страна на Охрид ЅОЅ. Во јули 2019 г., Рамсарскиот секретаријат потврди дека апликацијата е комплетна, Охридско Езеро ги задоволува сите 9 критериуми на Рамсар и сѐ што е потребно е само МЖСПП формално да ја поднесе. Дописот беше воедно испратен и до МЖСПП и МРК. Оттогаш поминаа пет месеци и апликацијата уште не е поднесена. Последно, во Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион стои нов, веќе четврти рок за исполнување на оваа обврска – крајот на 2020 г. за што ќе треба да се обезбедат 1 милион денари, кои се апсолутно непотребни бидејќи апликацијата е бесплатна. Рамсарската апликација, повеќе од очигледно се опструира од клучните луѓе во процесот. – обвинува Охрид SOS.

Соред граѓанската иницијатива Рамсар номинацијата ќе додаде уште една заштитна бариера на Охридското Езеро и Студенчишко блато, кои се под огромен притисок. Поради тоа Охрид SOS бара од министерот за животна средина Нуредини веднаш да ја поднесе апликацијата за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко блато како Рамсар подрачје до Рамсарскиот секретаријат и да го преиспита работењето на одговорните службеници.

извор: OhridNews

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар