MKDNews.com

Камчева: Јанева ми се закани дека доколку нешто излезе од разговорите ќе се знаело дека сум јас

Камчева: Јанева ми се закани дека доколку нешто излезе од разговорите ќе се знаело дека сум јас
декември 10
20:53 2019

Сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчева во своето тричасовно сведочење за случајот Рекет кажа дека била изненадена од близината на првообвинетиот Бојан Јовановски со екс обвинителката Катица Јанева.

Вака Ана Камчева, сопругата и адвокатка на бизнисменот Орце Камчев, утрово го започна своето сведочење за случајот „Рекет“.

Понатаму Камчева зборуваше за она што се случувало во судот, при што го истакна, како што го нарече „недоличното однесување на Лиле Стефанова“, која на бранителот на Камчев Антонио Апостолски му се обратила со зборовите: “Ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене. Само треба да знаеш кога е кај тебе како треба да ја искористиш”, рече Камчева, додавајќи дека таа вечер околу полноќ првпат ја видела Катица Јанева која дошла во судот.

о понатамошното сведочење, Камчева објаснуваше дека Јордан (Камчев) добил решение за притвор на 10 ноември, а неколку дена подоцна Зоран Милески и се јавил за средба адвокатот Васил Димишков.

„Милески ме чекаше кај поранешното Министерство за правда и со неговиот автомобил отидовме во Капиштец каде што е канцеларијата за специјални клиенти. Васил ми напомена дека имал средби со Јордан Камчев и дека го предупредил дека треба да соработува со него. Ми рече и дека неговата сестра Весна Димишкова е во блиски односи со Лиле Стефанова, дури се повикуваше и на некои амбасади. Поради тоа што мојот сопруг излегол на насловната на ‘Форбс’ тој рече дека би чинело 2, 4 или 8 милиони евра и тоа за поблаги мерки“, сведочеше Камчева за средбата со адвокатот Димишков.

Сопругата на Камчев рече дека по оваа средба со Димишков била вознемирена, плачела, но била зачудена што не и била кажана конкретна сума за „услугата“ што и била понудена, туку Димишков и кажал дека ќе се информира. Следниот ден понудата стасала преку Милески, за кого Камчева денеска рече дека бил „човек од доверба и на Димишков и на Камчев“ и била 6 милиони евра.

По ова следувала комуникацијата на Камчева со нејзиниот сопруг кој бил во притвор, кому како што рече му кажа дека „немаат предмет, туку проблем“, бидејќи во приказната, како што рече беа и специјалната обвинителка и судијката.

„Негде на 15 ноември ми се јави Милески и инсистираше на итна средба. Му кажав дека само што завршив со посетата на мојот сопруг во затворот и дека одам дома да бидам со децата. Тој инсистираше, и јас се согласив. Ме повика во ‘Александар Палас’. Не сакаше да влеземе внатре, туку ме тераше да кружиме околу хотелот. Тогаш ми рече дека Бојан Јовановски му се јавил и бил многу вознемирен за текст објавен на сведок.мк во кој пишувало дека синот на Катица Јанева, Лазар е вработен кај него. Милески му се јави на Бојан и преку неговиот телефон ние разговаравме. Бојан ми рече дека не е добро да излегува ова на порталите и дека доколку сакаме жената да помогне би било добро да најдам начин да се повлече тој текст. Тогаш првпат сфатив за близината на Бојан и Катица“, раскажуваше Камчева за првиот контакт со Бојан Јовановски.

На сите средби со Боки 13 бил и Кичеец

Првата средба, како што сведочеше денеска Камчева, била во канцеларијата на Јовановски, а ја организирал Милески. Во канцеларијата, рече Камчева, имало едно момче на компјутер со кого Боки ги запознал, по што му рекол да излезе. Тогаш Камчева дознала дека е тоа синот на Јанева.

Разговорот при првата средба на Камчева и Боки 13 бил, како што рече, за два проекти, кои наводно веќе му биле понудени на нејзиниот сопруг. Камчева рече дека тоа биле за старечки дом и за некакви модни центри.

„Тогаш Бојан ми рече дека затоа што ги одбил мојот сопруг, му се случило тоа што му се случува. Потоа ми објаснуваше дека директор на тие модни центри би бил синот на Катица и ако тоа се случи, нема ова да му се случува на мојот сопруг“, рече Камчева пред судот.

За ова, како што рече, го информирала Орце, кому исто така му ја пренела шокираноста од фактот за блискоста на Бојан и Јанева.

„Ова го кажувам затоа што на сите средби што ги имавме, Бојан точно знаеше кога мојот сопруг ќе биде однесен во СЈО, кои сведоци ќе бидат повикани итн. Исто така, комуницираше со Јанева која ја пушташе на спикерфон и која му даваше насоки и одобренија. На првата средба не побара пари од нас, туку само се повика на близината со јанева. Тука сакам да напоменам дека во ниту еден наврат не сум била сама со него, секогаш беше тука и Милески. Средбите беа во неговата канцеларија, еднаш во ‘Сушико’ и два пати во неговиот дом. На една од средбите Бојан ми побара 500.000 евра“, кажа Камчева во овој дел од денешното сведочење, опишувајќи ги контактите што ги имала со првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски.  

Средбата со Јанева во Орман

Камчева рече дека сопругот се договориле дека треба да ги исплатат парите, бидејќи, како што рече денеска, била уверена дека во спротивно ќе имаат сериозен проблем.

Прво побарале од судијката Весна Димишкова укинување на притворот пред истекот на 30 дена, при што понудиле гаранција од 14 милиони евра, но биле одбиени, на што поднеле жалба. Сите насоки околу гаранцијата Камчева рече дека ги добивале од Бојан односно од специјалната обвинителка.

„Откако се договорив со сопругот да ги исплатиме, побарав од смерковителката Мими да ги извади парите од нашите фирми. Ние обезбедивме 350.000 евра, а другите 150.000 требаше да ги обезбеди Милески. Парите ми ги донесе свекрвата, Ратка Камчева во мојот дом. Потоа беше средбата во домот на Јовановски во Орман. Таму беа девојчето кое работи во неговиот дом, Сергеј Варошлија, јас и Зоран Милески. Парите му ги предадовме на Бојан кој се шегуваше за несерот во кој беа ставени. Откако виде дека недостасуваат 150.000 евра, се договорија со Милески дека тој ќе ги обезбеди. Кажа дека после ова ќе организира средба со Катица Јанева“, сведочеше Камчева.

За средбата со Јанева кажа дека била во домот на Бојан Јовановски, каде Камчева дошла со Милески. Таму, како што рече веќе била Катица Јанева.

„На почетокот се поздравивме со специјалната обвинителка, разговаравме за децата, јас кажував колкави се моите деца,низ што поминувам како мајка. Таа ми кажа дека му е благодарна на Бојан зашто ако не го вработел син и Лазар, би завршил на брод. Потоа ми кажа дека Камчев и рекол дека сака да биде во куќен притвор за новогодишните празници, за да биде со децата. Ми рече дека не верува во тоа, но тогаш Бојан го прекина разговорот и рече да разговараме за тоа за што сме дојдени. Односно дека ние сме ја завршиле нашата работа, а сега госпоѓата Катица Јанева треба да каже како ќе го заврши нејзиниот дел од работата“, рече Камчева, која се присети дека при оваа средба Јанева и рекла дека би можела да ги гони кривично и неа и проценителот, бидејќи дел од имотот даден како гаранција е под ќирија.

„Јанева ми напомена дека ако излезе разговорот од станот, ќе знае дека тоа е од мене и ми кажа дека може не само еден, туку многу предмети да му отвори на Јордан Камчев“, рече Камчева.

Исплатата од еден милион ја видов на снимките

Во хронолошкото сведочење, Камчева потоа говореше за она што се случува откако Орце Камчев бил пуштен од Шутка и ставен во домашен притвор. Камчева рече дека прв со кого се сретнал бил Кичеец, а веќе од следниот ден Милески и Јовановски доаѓале во нивниот дом.

На некои од средбите бев присутна, но гледав да не сум, бидејќи им кажав понатаму да разговараат со мојот сопруг. Се сеќавам еднаш дека Бојан дојде лут затоа што мојот сопруг го прашал Дејан Панделески колку чинела неговата улога. Бојан реагираше дека ‘една е работата за условите под кои е пуштен Панделески, а друго е Јордан’. Велеше дека не смеат да се информираат меѓу себе зашто тој си имал работа со секој одделно. Се сеќавам дека кога зборувавме кој прв би излегол од притворот, Јовановски ми рече дека прво ќе биде Панделески поради медицинската документација, а потоа и мојот сопруг“, сведочеше Камчева…

 

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар