MKDNews.com

Пендаровсkи: Ќе бидам претседател на сите граѓани

Пендаровсkи:  Ќе бидам претседател на сите граѓани
мај 13
05:43 2019

Пред поранешните претседатели Иванов и Бранко Црвенковски, министрите во владата, претеседателите на судовите, МАНУ, поглаварите на верските заедици, но и пред своето семејство Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани. На инаугурацијата присуствуваа и пратениците од опозицијата за која Пендаровски рече дека ќе и пружи рака на соработка.

„Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните малцинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинствата, а за тоа само законите, најчесто, не се доволни“, Стево Пендаровски, претседател на државата.

Тој повика на обединување и создавање на поширок државен консензус околу најважните стратешки цели – членството во ЕУ и НАТО. Столб за внатрешната стабилност рече дека се меѓуетничките односи за кои им упати порака на политичките партии дека не смеат да ги злоупотребуваат.

„Ќе барам политичка одговорност и јавно изречените зборови на овие чувствителни теми да не се разликуваат во зависност од тоа дали сме во кампања или не, затоа што тоа кај граѓаните, независно од нивната етничка припадност, предизвикува вознемиреност, но и драстично го намалува кредибилитетот на сите нас“, рече Пендаровски.

Пендаровски на инагуруацијата посочи два апсолутни приоритетите за земјата во наредниот период од кои зависи нејзината судбина и иднина.

„Прво, постигнување на многу повисоки стапки на економски развој од досегашните, и второ, нулта толеранција за криминалот, корупцијата и непотизмот. Ова второто, ја поткопува економијата и ја намалува довербата на граѓаните во институциите“, посочи тој.

За директната надлежност која ја има врз Армијата и дел од безбеносно-разузнавачките служби рече дека ќе се почитуваат законите.

„Сите промоции во тие структури ќе бидат во согласност со законите и професионалните референци на  кандидатите, а за највисоките позиции и во соработка со владата, Собранието и опозицијата. Реформата на службите мора да се одвива според моделот на конституирањето на ОТА за кој што постоеше консензус меѓу власта и опозицијата“, рече Пендаровски.

Пендаровски уште пред и официјално да влезе во претседателскиот кабинет најави дека ќе има висок степен на толеранција кон критиките од медиумите за неговата работа.

Сега веќе поранешниот претседател Иванов денеска на заминување од функцијата не даде изјава, но на фејсбук им се заблагодари на македонските граѓани за довербата со зборовите дека функциите доаѓаат и поминуваат, но оти човечноста останува.

„Со огромна чест, задоволство и одговорност ја извршував функцијата Претседател на Република Македонија во изминативе десет години. Од се срце му благодариме на македонскиот народ и на македонските граѓани за сета укажана доверба и поддршка. Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија“, напиша Иванов на фејсбук.

Пендаровски пак само што седна во претседателската фотелја се зафати со работа. Првата билатерална средба во Вила Водно ја имаше со бугарскиот претседател Румен Радев, а веднаш по него и со албанскиот Илир Мета, кои и присуствуваа на инаугурацијата во Собранието, заедно со претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ. Со српскиот колега Пендаровски се сретна во Собранието, од кого добил покана уште годинава да го посети Белград. Вучиќ по средбата изјави дека неговото доаѓање на инаугурацијата е симболична потврда дека Србија сака да гради уште подобри односи со Северна Македонија. Прашањата кои изминатиот период ги затегаа односите меѓу двете земји Вучиќ ги нарече „шумови“.

„Ќе се обидеме и тие шумови да ги отстраниме. Верувам дека имаме доволно капацитет за тоа. Верувам дека таква желба постои и во Скопје. Моето доаѓање тука е симболична потврда дека сакаме да градиме уште подобри односи и мостови на пријателство меѓу Србија и Северна Македонија и меѓу нашите народи“, рече Вучиќ.

Пендаровски кој во обраќањето во Собранието дека одличните односи со сите пет соседи и регионална соработка се базичен предуслов за развој на држава по инаугурацијата разговараше и со грчкиот шеф на дипломатијата Јоргос Катругалос кој му ги пренел желбите од грчкиот државен врв  за успешно вршење на должноста во новата позитивната клима создадена од Преспанскиот договор.

Пендаровски откако ги испрати гостите  ќе има доволно време со своето семејство да се привикне на новиот дом во идните пет години – Вила Водно, од која Иванов и неговот семејство денеска се збогуваа.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар