MKDNews.com

Утре пресудата за „27 април“ за 17 обвинети за упадот во Собранието

Утре пресудата за „27 април“ за 17 обвинети за упадот во Собранието
март 14
20:15 2019

Седумнаесетмина обвинети за собраниските насилства од 27 април утре ќе ја слушнат пресудата.

Меѓу обвинетите во предметот останаа екс шефот на БЈБ Митко Чавков кој завчера повторно беше спроведен во притвор поради сомнежи на обвинителството од бегство. Потоа собраниските службеници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски – Леви, оперскиот пејач и еден од водачите на протестите за Заедничка Игор Дурловски, но и Игор Југ, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски – Нинџа. Обвинителството за организиран криминал ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, дело за кое им се заканува казна затвор од минимум 10 години. Случајот го судеше судијката Добрила Кацарска која неколку дена пред финишот на судењето рече дека и треба подолго време од законски утврдениот од три дена за објава на пресудата.

По донесувањето на Законот за амнестијата во Собранието кој предизвика низа негативни реакции во јавност, 15мина од обвинетите беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Не беше задоволна ниту обвинителката Вилма Рускоска.

Амнестирани беа и пратениците што ги отворија собраниските врати – Сашо Василевски и Крсто Мукоски. Но и нивните колеги Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои често ги избегнуваа новинарските прашања.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера пак во интервју за Сител ТВ утрешната пресуда ја спореди со Нирнбершките процеси.

На ова реагираа од Американската амбасада.

,,Воспалителна реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделби, особено кога неправилно ги користат минатите настани, како што се Нирнбершките процеси за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог околу правецот во кој се движи земјата…пишуваат во реакцијата од амбасадата.

Пред еден месец обвинителството ја прошири истрагата на осомничените за организирање на насилствата меѓу кои се екс премиерот во бегство Никола Груевски и неговите министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, но и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, екс директорот на УБК Владимир Атанасовски и агентот – бегалец во Грција, Никола Бошковски.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар