Во првите три години од членството во ЕУ од Хрватска се отселиле 102.000 луѓе, а проценките наведуваат и двојно поголема бројка, пренесува Ал Џезира. Меѓутоа, се проценува дека вистинската бројка е многу поголема, бидејќи многумина заминуваат „на црно“, не одјавувајќи се.

Наводно во тие три години од Хрватска се отселиле дури 230.000 луѓе. Она што најмногу ги загрижува демографите, а на што предупредуваат економистите и што го забележуваат сите што останале во хрватска е дека главно заминуваат цели млади семејства, а не како некогаш кога само таткото заминувал на печалба, пишува Ал Џезира.

Просечната старост на иселениците се спуштила по 2013 година од 41,5 на 33,6 години, покажало неодамнешно истражување на Загребскиот институт за јавни финансии.

Според некои проекции Хрватска до 2050 година би можела да остане без 800.000 жители, додека истовремено би и биле потребни дури милион нови работници.