MKDNews.com

Собранието го усвои и третиот нацрт-амандман на Уставот

Собранието го усвои и третиот нацрт-амандман на Уставот
декември 03
17:09 2018

По вчерашните два, собранието попладнево го изгласа и третиот нацрт амандман, кој се однесува на територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Пратениците од власта и од опозицијата во текот на дебата останаа на своите позиции за и против промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. За опозицијата власта нема мандат за усвојување на уставните измени, за кои нема ниту консензус, а со него добива само Грција. За владејачкото мнозинство со договорот добива Македонија, се зацврстува државноста и националниот идентитет и се отвора патот за членство во ЕУ и НАТО.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој амандман не менува ништо а суштината на промената е во промената на името. Смета дека и од Грција треба да се побара да ја вметне истата оваа одредба за да покаже вистинско пријателство.

Заменик министерот за надворешни Андреј Жерновски реплицираше дека станува збор за амандман со кој двете земји меѓусебно заемно гарантираат неповредливост на границите.

– Македонија е единствена во регионот која има решено границата со своите соседи. Ова треба заемо како власт и опозиција да го објасниме на своите граѓани. Ниту една држава во регионот го нема решено тоа прашање. Ако погледнеме во регионот кои прашања се отвораат не може да кажеме дека ова е небитно прашање. Со овој аманмдман ги решаваме дефинитивно границите на Македонија – рече Жерновски.

На ова, Илисоки реплицираше дека заемно ќе биде ако истата реченица се најде и во Уставот на Грција.

Иван Иванов побара да се повлече овој амандман, бидејќи е уреден со меѓаународното право и се подразбира сам по себе. Македонија рече докажала дека е мирољубива и конструктивна членка на меѓународната заедница, а во дополнението на членот 3 во Уставот, на барање на Грција веќе се изјаснила дека нема територијални претензии кон соседните држави.

Илија Николовски од Партијата на пензионери рече дека почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави е императив за зачување и изградба на стабилност и мир на балканските пристори. Според него, Уставот не е библија и тој се усвојува и менува во Парламнетот, а нивната партија има принципиелен став за поддршка на Договорот.

– Треба да си подадеме рака во овој историски момент кога треба да донесеме еднан историска одлука која ја дефинира иднината на нашата држава, на граѓаните и на идните генерации – рече Николовски.

За Невена Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ се отвара дилема дека во третата фаза ќе ги добијат вистинските амандмани за промена на Уставот, а овие амандмани се пратени во про форма за полесно да поминат кај граѓаните, бидејќи се вели „скандалозно“ напишани. Откако ќе поминат овие уставни измени, Грција, вели, нема да застане во своите барања и ќе испорача нови.

По изгласување на овој амандман започна дебатата и за XXXVI нацрт-амандман, последниот предвидените четири, согласно Договорот од Преспа, а се однесува на иселениците. Со него Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар