Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во кусо интервју за Република говори за актуелните случувања, за уставните измени кои се во собраниската процедура, за тоа кој губи, а кој добива од црниот петок, за политичките притисоци и хајки врз партијата, но и за најавената даночна реформа.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во телото за помирување, но пратеничката група ќе го поддржи тој процес. ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за амнестија, со кој се избегнува примена на селективна правда така што сите што се вмешани во настаните од 27 април 2017 да бидат амнестирани. Што ако законот не се усвои, какви чекори ќе преземете?

МИСАЈЛОВСКИ: Ние засега не учествуваме во работата на таканареченото тело за помирување бидејќи, всушност, не е позната ниту дефинирана содржината која ќе биде предмет на работа на самата комисија. Власта намерно и сосема свесно оди со широк опсег и сосема нејасни формулации за да може да го изманипулира процесот и да овозможи селективна правда која всушност е неправда. Тоа значи, моќта да одлучува за оваа тема да ја користи како камшик за убедување на поединци кои треба да им ја завршат работата поврзана за предложените устави измени. Тоа е некоректно и би рекол измамничко однесување. Ние имаме и оправдани основи да се сомневаме во искреноста на власта во однос на нејзините намери за помирување, бидејќи во исто време кога сака да инситуционализира еден „процес на помирување“, имаме продолжување на политичкиот прогон на повеќе нивоа. Ние сме за неселективност и токму од тие побуди го поднесовме и Предлог-законот за амнестија за учесниците во настаните од 27 април. И доколку власта сака да покаже вистинска грижа за правдата, потребно е да се направи позитивен исчекор во правец на прифаќање на ова законско решение, во спротивно ќе ја потврди политичката манипулација која ја создава во јавноста. Со самото тоа што иницираа неодреден процес без јасно дефинирана рамка, а го нарекоа помирување, тие признаваат дека се води политичка хајка. Но, нема да навлегувам како започна и како се доведе во оваа ситуација државата, тоа е очигледно и им е познато на граѓаните, нам ни е важно да се овозможи слобода за тие луѓе, па дури ако тоа координативно тело донесе заклучоци, одлука или каков било начин за ослободување или решение на проблемите на сите инволвирани од 27 април, но и другите политички судски постапки, убеден сум дека ние како пратеничка група ќе го поддржиме тој процес, одлука или закон.

Во Собранието почнува комисиската расправа за нацрт-амнадманите за измени на Уставот. Неочекувано, во амандманите е вметнат и Охридскиот договор иако не беше предвид да се дискутира на оваа тема. Претседателот Мицкоски најави нова промена на стратегијата на делување. Во која насока ќе делува ВМРО-ДПМНЕ?

МИСАЈЛОВСКИ: Целокупниот процес за најважното прашање за државата Владата го води манипулаторски или попрецизно –  шверцерски. Па не е доволно што предвидуваат промена на Уставот со цел промена на уставното име, наштетување и менување на идентитетот, отворање на историјата и нејзино моделирање по грчки терк, туку тие посегнаа и по темелите на АСНОМ, а гледаме дека има и процес на отворање на Пандорината кутија, или, како што би рекол Заев „ширење“. Според предложените уставни амандмани испадна дека Одлуките на АНСОМ, темелот на државноста, се иредентистички за Грција, па Владата предлага нивно бришење од Преамбулата на Уставот. Значи, не само што води антидржавна политика, владата води измамничка политика, од која прозилегува дека партизаните, кои се природни наследници на илинденците, се иредентистички елемент кој ќе биде отфрлен. И да не се залажуваме, овој договор се турка не затоа што граѓаните го сакаат тоа, туку затоа што по пат на уцени и закани, преку монтирани процеси и вештачко корумпирање на пратенички гласови се обезбедува мнозинство во Парламентот. Ние против овој договор и против се што содржи овој договор ќе се спротивставуваме, ќе се дискутира и жестоко ќе се критикува во Парламентот и ќе се употребат сите демоктрстски алатки кои ни се на располагање. Ама конечната победа против оваа власт ќе биде наша, затоа што мора на оваа влада која доживува фијаско и ја турка државата во провалија на секој план да ѝ се стави крај.

Кој загуби, а кој доби од Црниот петок и колку тоа ѝ нанесува штета на партијата?

МИСАЈЛОВСКИ: Главен политички конкурент на ВМРО-ДПМНЕ е и останува да биде оваа неспособна власт. Од последните случувања најмногу губат граѓаните. Црниот петок единствено стави инјекција во организмот на оваа власт и ја продолжи кариерата на Заев за уште некој кус период.
Доколку имаше избори убеден сум дека ќе победевме и ќе сменеа многу текови во општеството.
Ќе набројам неколку конкретни примери зошто загубија граѓаните.
Да имаше смена на власта, немаше сега да ги зголемуваат даноците, ќе отпочневме уште во истиот период да работиме на зголемување на платите, ќе работевме на реализација на најмалку 30 инвестиции, реални гринфилд инвестиции. Ќе имаше нови капитални инвестиции и градежна експанзија со проекти што се најпотребни за сите граѓани, како што се улици, булевари, градинки, училишта, болници итн. Сигурно ќе отпочневме со планирање на пакет-мерки за поддршка на пензионерите, а ќе овозможевме да се вработеа првите најдобри студенти како загарантирана мерка и редица други работи.
А во меѓувреме, погледнете што се случува во реалноста, во вистинскиот живот. Владата зголемува даноци, зголемува придонеси, тоа ќе мора да се плати од џебот на граѓаните. Никаде го нема скалестото зголемување на минималната плата, а додека централната власт хибернира, градоначалниците на локално ниво исто така не мрдаат со малиот прст. Па погледнете што се случува, државава во европските медиуми стана рекордер, но не по убави нешта и достигнување, туку по загадениот воздух, по губењето на здравјето. Ај што ништо не се работи на терен туку проблем е што нема ниту најавено нови проекти и проектирање за во наредниот период за навистина да очекуваме нешто да се сработи. Ќе слушаме каде би можело да се наоѓа новиот клинички центар, но нема да видиме проект и заокружување на финансиската конструкција. Колку ли треба проблеми да се напластат за оваа влада започне да ги решава?
Во ВМРО-ДПМНЕ сме одлучни да понудиме нов концепт, нови решенија кои ќе ја избават државата од криза. Претседателот Мицкоски ја има мојата полна поддршка, како и поддршка од партиските органи и општинските комитети во борбата против оваа власт. Нам и историски и општествено на ВМРО-ДПМНЕ му прилега да биде главен двигател на промените кои следат, секогаш со народот заедно, мудро и силно.

Владата најави даночни реформи, што ќе значи тоа за економијата и стопанството?

МИСАЈЛОВСКИ: Да не се прави замена на тези, владата не прави некоја добра даночна реформа со која ќе се изврши некое напредно нивелирање на даноците. Не, со овој пакет ќе направи зголемување на даноците. Тоа значи дека ќе бркне во џебот на граѓанинот за да стави повеќе во државната каса, а притоа не произведува додадена вредност поради која ќе го оправда тоа зголемување на даноците.
Бев министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ кога имаше идеја да се оданочат хонорарите. Таа наиде на силен отпор од уметници, режисери, оние кои произведуваат интелектуален труд и така заработуваат за семејствата. Ние од таа идеја се откажавме. Сега не само што владата планира оданочување на хонорарите, туку и на доходот од кириите, банкарските депозити, платите.
Знаете, има катастрофална лоша економска слика, има криминал кој цвета, се краде на ангро, владата прави криминални иновации, тендери кои завршуваат во приватни џебови и сетоа тоа треба да се плати, и тие сакаат да го наплатат од џебот на граѓаните. Повисоките даноци нема да ги зголемат приходите туку ќе го отповарат стопанството, ќе има можно зголемување на цени, а воедно се праќа негативна порака и до стопанствениците и инвеститорите. Ова ли е животот кој го ветуваа? Нема 500 евра плата, ама има повисоки даноци, животот станува прескап. Владата не создава вредност во општеството бидејќи воопшто нема капитални инвестиции и не се работи буквално во ниту еден ресор. Едноставно треба да престанат да лажат и да почнат да работат бидејќи сите очекуваме нови 500 километри автопатишта, 100.000 денари плата за докторите, зголемување на платите и што уште не од нивните апстрактни ветувања.
Освен политичкиот хорор се спроведува економски ужас.
Земаат пари од граѓаните за да се луксузираат. Ветуваа парите кај граѓаните, но наместо да им даваат, земаат од граѓаните, земаат од бензините, земаат од цените кои растат заради растот на бензините, земаат од платите, земаат од даноците. А што прават и за што земаат? Земаат за да трошат за цвеќиња, за нови џипови во кои се возат, за тендери за роднини…. ова е грабеж, нема друг збор.
Од друга страна, освен што е контрапродуктивна, оваа политика со даноците е неука. Со оваа мерка на владата ќе се развие сивата економија и дополнително млади ќе си заминуваат од земјата.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, кој според судско решение најдоцна утре треба да се јави за издржување двегодишна затворска казна по пресудата за „Тенк“ е исто така на собраниска седница. Воедно има и одлука на судот да го замрзне имотот на ВМРО-ДМНЕ? Како ги коментирате овие случувања?

МИСАЈЛОВСКИ: Кога политиката е присутна во судството, таму нема правда. За случајот на Никола Груевски секому е јасно дека се работи за видлив случај на политички прогон, во кој се суди затвор за добро (автомобил) кој е набавен и кое сè уште служи ѝ на Република Македонија. Автомобилот е тука, а на човекот му се суди со казна затвор. Понатаму, на партијата ѝ се замрзнува имотот за да не може да располага и финансиски се ослабне, иако како субјект не е предмет на обвинение или нова истрага. Ова значи дека политичкиот прогон за оваа власт станува примарен начин на делување. Ваквите притисоци се израз на колективна слабост и нервоза на власта. Замислите, таму некој го започнува, поминува и завршува денот размислувајќи како да им напакости на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзините луѓе. Тоа говори за менталниот склоп, но и за капацитетот на оваа власт. Колку тие повеќе притискаат, толку ние повеќе сме одлучни да истраеме. И на крај ќе победиме заедно со народот, а некои од актуелните политичари ќе се срамат поради својата улога во овој политички терор.