MKDNews.com

Македонија поразена од Грција во квалификациите за ЕП 2020

Македонија поразена од Грција во квалификациите за ЕП 2020
октомври 29
07:54 2018

Ракометната репрезентација на Македонија доживеа неочекуван неуспех во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) и на гостувањето во Кожани загуби од домаќинот Грција (28-26).

Многумина очекуваа нови лесни бодови на контото на Македонија, но грешките од мечот со Турција се повторија и овој пат, нашите ракометари не успеаја да го забележат посакуваниот резултат. Кога требаше резултатски да се одлепат, „црвено-жолтите“ не успеаја во нападите, иако на голот го имаа расположениот Митревски кој имаше над 12 одбрани.

Стартот на натпреварот наговестуваше убедлива победа на Македонија затоа што нашите ракометари во воведните минути имаа предност од четири гола (1-5). Митревски беше одличен меѓу стативите, но брзоплетите грешки во нападите ги вратија Грците во игра на мечот.

Јужниот сосед во средината на првиот дел изедначи на 8-8, а оттогаш, па се до крајот се играше максимално изедначено. На полувремето Македонија поради гол на Талески со звукот на сирената имаше позитива од еден гол (12-13), а на стартот на вториот дел, Талески повторно блескаше и даде три гола, но нашата одбрана немаше лек за Милонас и Малиос, кои беа главни алки во играта на Грција и го полнеа нашиот гол.

Во 45. минута од мечот се уште на семафорот стоеше еден гол позитива за Македонија. Погоди Лазаров, за 19-20 и неизвевсноста продолжи. Голема вина за неизвесноста имаше и голманот на Грција, кој нанижа 11 одбрани во 45 минути. Во 50. минута од мечот, Грција за првпат поведе по стартната предност (23-22), Лазаров погоди за ново изедначување, но Грција откако го сврте резултатот во своја полза (24-23), Цирас погоди од пенал, за највисоки „плус два“ за домашните (25-23).

Во наредниот напад за Македонија, Лазаров не успеа да го надмудри Цилимпарис, но за среќа промашија и Грците, а Никола Маркоски реализира за 25-24. Потоа, Никола Митревски одбрани, па Прибак погреши, а Цирас од пенал ја запечати победата на Грција.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Лазаров со седум гола, Талески додаде шест, а Манасков заврши со четири гола, додека кај Грците, Малиос даде осум гола, Милонас заврши со шест, а голманот Цилимпарис имаше 15 одбрани.

Македонија во наредното коло од квалификациите за ЕП 2020 кое се игра во април ќе гостува во Рејкјавик кај Исланд. За Грците ова беше прв триумф, по поразот од „рибарите“ во минатото коло.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар