MKDNews.com

Легендарниот продуцент на Тупак осуден на 28 години затвор

Легендарниот продуцент на Тупак осуден на 28 години затвор
октомври 05
07:00 2018

Едно од најважните имиња во зачетокот и креирањето на хип-хоп индустријата, Марлон „Шуг“ Најт, денеска доби затворска казна од 28 години поради убиство кое го направи пред скоро четири години.

Шуг Најт беше обвинет поради убиството на 55-годишниот Тери Картер пред киоск во кој се продавала брза храна. Според сведоците од местото на настанот, Најт бил во физичка пресметка со долгогодишен непријател кога влегол во неговиот автомобил, по што најпрво го удрил човекот со кој бил во пресметка, пред да го прегази Картер, кој починал на лице место.

Во судницата денеска беше присутна и ќерката на Тери Картер, која го опиша убиецот како „одвратен, себичен човек кој е срам за човечкиот род“. Најт ја слушаше неговата пресуда без да изусти ниту збор. Неговите адвокати зборуваа наместо него и во текот на целата постапка, која траеше скоро четири години, се обидуваа да ги убедат судијата и поротата дека тој реагирал на тој начин во самоодбрана, затоа што неговиот живот бил загрозен.

Во 1990-тите години, кога траеше „војната“ на улиците помеѓу раперите од Источниот и Западниот брег, Шуг Најт беше во центарот на сето тоа. Раперот Тупак Шакур беше во автомобилот на Најт вечерта кога беше убиен во Лас Вегас во 1996 година.

Шуг Најт не му е непознат на законот на САД. Тој многупати беше обвинуван за грабежи, вооружени напади и закани со огнено оружје. Неговата казна изнесува 28 години затвор поради тоа што премногу често се наоѓаше во ситуации каде го крши законот, па поради насобрани дела судијата реши да ја зголеми казната од 11 години на 28 години.

Легендарниот продуцент и агент соработуваше со најголемите имиња во светот на хип-хопот, почнувајќи од Др. Дре, Изи-И, преку Биги Смалс и Тупак Шакур, па сѐ до Снуп Дог. Најголемата слава му ја донесе студиото Death Row, кое стана еден вид свето место на хип-хоп индустријата, пред Најт да ја изгуби сопственоста над него поради банкрот.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар

Барај Вести