MKDNews.com

Хан: Без договорот, вратата на ЕУ за Македонија ќе се затвори за децении

Хан: Без договорот, вратата на ЕУ за Македонија ќе се затвори за децении
септември 14
18:20 2018

Македонија може на долг рок да го загуби членството во Европската Унија, ако не биде имплементиран Договорот со Грција.

Нова, веројатно најдраматична порака досега, испрати Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Во интервју за МИА, тој предупредува дека со нерешен спор, земјава ќе продолжи да биде блокирана и ризикува да биде изолирана.

Прашан, дали може да гарантира дека со сменето име, Македонија ќе го забрза процесот на евроинтеграции, Хан е воздржан. Појаснува дека не е само името услов, туку и другите домашни задачи, како Итните Реформски приоритети и извештајот на Прибе.

-Треба да се премери што значи да се стане членка на ЕУ и кои се последиците ако тоа не е возможно. Бидејќи ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата, вели Јоханес Хан, во интервју за МИА.

Хан ваквата порака, како што вели, ќе ѝ ја пренесе и на Владата и на лидерот на опозицијата веќе во понеделник, кога доаѓа во земјава. Неговиот престој се совпаѓа и со посетата на првиот човек на Пентагон, Џејмс Матис, прва на американски секретар за одбрана по 14 години. Матис ќе биде пречекан на аеродромот во Скопје и на платото пред Владата, каде според најавите, се очекува да го искаже и ставот во однос на опасноста Русија да се вмеша во исходот од референдумот. Во позитивен референдумски исход верува и грчкиот премиер, Ципрас.

-Посакувам, се надевам и ги поддржувам напорите на Зоран Заев да го добие референдумот. И секако, потоа, уште потешкиот обид да најде 2/3 во Собранието, во неговиот парламент за да ја ратификува уставната промена. Ова е голема шанса за Грција, голема шанса за регионот. Решава проблем што постои со децении и според моето мислење го решава на позитивен начин за земјата, вели Алексис Ципрас, премиер на Грција

Ципрас во интервју „Euronews“ уште еднаш изрази уверување дека Договорот од Преспа ќе добие апсолутно мнозинство кога ќе дојде на дневен ред во грчкото собрание.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар