MKDNews.com

Заев за грчката телевизија ЕРТ : Три датуми за референдум – 23, 30 септември или 7 октомври

Заев за грчката телевизија ЕРТ : Три датуми за референдум – 23, 30 септември или 7 октомври
јули 06
07:50 2018

Референдумот ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври, а целта е до 15 јануари да се завршат сите предвидени обврски, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ.

Тој објаснува дека референдумот ќе има обврзувачки карактер, ќе биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Иванов. Одговарајќи на прашањето кои се роковите за македонската страна Заев вели дека целта која што е поставена кај нас е 15 јануари.

– Ако биде порано, тоа е добро. Дури сакаме да завршиме пред божиќните празници кои што се слават, дури и пред Нова година и во тој аспект затоа оставаме некои 3 месеци. Согласно нашиот Устав и законите ни се потребни некои стотина дена. Затоа 15 јануари е поставен. Со успешниот референдум јас сум убеден дека сите во парламентот ќе го послушаат народот што кажува на референдум и така ќе гласаат. Тоа денеска го добиваме како порака дури и од претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов дека ако референдумот е успешен, секако и тој ќе ги поддржи и Договорот со Грција и сето она што е следна фаза, а и опозицијата исто така. Секако има различни ставови, тоа е демократијата, но после референдумот кај нас се уставните промени, па очекуваме грчкиот парламент да го ратификува договорот кој што го направивме двете земји, а после тоа да продолжи и ратификацијата на протоколот за членството во НАТО, вели македонскиот премиер.

Заев објаснува дека по НАТО Самитот на 12 јули ќе се отвори и дебатата за референдумот кој ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври за потоа да има период од 3 месеци за уставните промени. Македонскиот премиер, изразува убеденост дека референдумот ќе биде успешен, бидејќи „нашите граѓани сакаат пријателство со Грција и сакаат интеграција во ЕУ и НАТО“ и ги открива можните прашања.

-Народот убеден сум дека ќе биде за договорот со Грција затоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција“, веројатно во тој правец ќе биде затоа што, кај нас едно со друго е поврзано и во таков аспект, граѓаните кога ќе дадот својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или прашањето можеби ќе биде дали сте за Европската унија и НАТО, поддржувајќи го името Република Северна Македонија“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, објаснува Заев за ЕРТ и вели дека референдумското прашање сите политичари и власта и опозицијата и претседателот Иванов ќе ги стави во позиција да ги послушаат граѓаните.

Македонскиот премиер вели дека со ратификацијата на Договорот и во Грција, односно откако ќе биде ратификуван и од двете страни ќе стапи во сила и новото име Република Северна Македонија, а со отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ ќе започне употребата и во внатрешноста, за до полноправното членство на земјата во ЕУ, кое според премиерот нема да биде подоцна од 2025 новото име да се користи секаде.

Во однос на европската перспектива на Македонија, вели дека е задоволен од добиениот датум за почеток на пристапни преговори – јуни 2019.

-Имаме доволно време да се подготвиме со скринингот кој што е пред фаза на отворањето на поглавја и подготовката на преговарачките тимови. И некаде во јуни 2019 година да почнеме да ги отвораме првите поглавја. И тоа е возможно благодарение на нашите пријатели. Првиот нов пријател Грција, заедно со Бугарија ја убедија Франција, вели Заев во интервјуто.

За членството во НАТО објаснува дека со добивањето покана следната седмица на самитот, ќе започнат предпристапните преговори што ќе траат до јануари 2019 година кога се очекува да завршат процесите во Македонија, а потоа да следи покана за интеграција и ратификација кај земјите членки.

Македонскиот премиер вели дека доказ дека договорот е фер и правичен е што двете опозиции и во Македонија и во Грција се критички кон решението, а тоа значи дека двете страни подеднакво отстапиле или подеднакво добиле.

Преку интервјуто за ЕРТ, Заев им се обраќа на Каменос и Мицотакис и им објаснува дека „добивме име со географска одредница за севкупна употреба, дека се случи тоа да биде со уставни промени во Македонија и дека истовремено не задира во она што значи посебност на северниот дел од Грција“, а аспирациите на Македонија и Грција, според македонскиот премиер, се единствено туристички и пријателски.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во 30 минутното интервју, македонскиот премиер открива детали од преговорите. Говори и која била точката, која била темата што го одолговлече очекуваниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери, разговор кој го донесе и Договорот, објаснува како течеле средбите во Давос и Софија, за што разговарале со Ципрас, но и дека во еден момент стигнале до ќор сокак.

Во однос на темата која го кочела договорот, Заев вели дека тоа било ерга омнес.

-Ерга омнес беше темата. Зошто? Заради тоа што најболното прашање во овој договор за кај нас е внатрешната употреба, потребата да се смени Уставот и тоа е болно прашање. Значи, го крши срцето. И моето и на мојот народ. Но, дава голема перспектива за нашите народи. Создаваме еден нов пријател, нашиот јужен сосед со кој треба да имаме огромно пријателство. Ги отвара перспективите кон Европската унија и НАТО, вели Заев, а прашан за тоа која од средбите со грчкиот премиер била клучна за договорот вели дека е онаа во Давос каде што сами двајцата, два часа разговарале за се, како што објаснува премиерот, си ги отвориле душите, ги ставиле срцата на маса и си ветиле дури и да не најдат реѓение обврска на двајцата е да градат пријателство.

На следната средба во Софија навлегле во идентитетските прашања важни за македонската и за име за севкупна употреба, важно за грчката страна.

-Тука буквално, веројатно беа најтешките моменти. Јас зборував за нив, за ерга омнес прифаќање на име за секаква употреба, тоа значи меѓунаросно секаде и дома. И тогаш разграничивме буквално кои се чувствата на северниот дел на Грција на еден дел од граѓаните кои се чувствуваат грчки Македонци и во тој дел ние најдовме начин како да не го негираме сето она што е наше наследство, наша посебност и наша различност, вели македонскиот премиер, додека пак во однос на втората средба во Софија, објаснува дека тогаш се разговарало за името Илинденска Македонија.

Зоран Заев за ЕРТ открива дека имало тежок период кога се чинело дека е невозможно да се постигне договор. Биле во континуриан контакт тој и Ципрас исто како и двајцата министри за надворешни работи, постоеле напори за креативност во формулацијата на зборовите во договорот. Но, во еден момент, двајцата премиери меѓусебно си заблагодариле дека дале се од себе и рекле дека не било можно да сторат повеќе. Но подоцна, размислиле и двајцата да одморат, бидејќи доаѓало викенд, па да се обидат повторно од понеделник.

– Кога го поминавме тој тежок момент во разговорите, тоа беа телефонски разговори, јас видов дека треба да направиме се, за да направиме и последни чекори, да ја разберам грчката страна, Алексис да ја разбере мојата страна за на крајот да го направиме важното прекршување и да ја донесеме одлуката. Последните разговори беа со креативноста на зборовите, лично јас и тој. Во еден момент рековме, ајде да не бидеме повеќе правници, дај да бидеме политичари. Отворено да разговараме. Што е идентитет, што е името и употребата по линија на новото име, тоа значи како се употребува и дома по сите институции. Тука многу чесно ги разграничивме сите работи, открива македонскиот премиер.

Заев во интервјуто говори и за цврстото пријателство со Ципрас, вели дека станале блиски во целиот овој период,

-Јас верувам дека ова пријателство кое што го изградивме ни овозможи да бидеме доволно храбри да го направиме чекорот, но со многу љубов кон својата земја и кон својот народ, направивме историски подвиг, историски чекор кој што сум убеден дека не за 5-10 години, туку за 5-10 месеци граѓаните ќе ги видат придобивките, вели Заев, пренесе МИА.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар