MKDNews.com

Мицкоски: Уште еден пораз на сите нас – Македонија е на дното во Европа по растот на БДП

Мицкоски: Уште еден пораз на сите нас – Македонија е на дното во Европа по растот на БДП
јуни 08
07:40 2018

Македонија е на дното во Европа по растот на БДП, оцени денеска во своето обраќање до јавноста, лидерот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека државниот завод за статистика повторно ја потврдил лошата економска политика на СДСМ.

-Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1%. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од цели 37% забележува градежниот сектор, што всушност и ја отсликува НЕ работата на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост, рече Мицкоски во своето обраќање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека има пад од 7% во просперитетниот сектор Информации и комуникации.

-Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на Данокот на добивка за ИТ компаниите за цели 50% т.е. од 10% на 5%. Но, како што можеме да видиме нема ништо од тоа. Од расходна страна, падот повторно е алармантен кај Бруто-инвестициите. Имено во првиот квартал од 2018 година, Бруто-инвестициите забележуваат пад од 9%, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ, објаснува Мицкоски, кој кажа дека исполнувањето на капиталните инвестиции од само 7,4% во првиот квартал од 2018 година придонело јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4%.

Потоа, во обраќањето, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ направи компаративна анализа со земјите од Европа.

-Растот во првиот квартал од 2018 година на пример во соседна Србија е за 46 пати поголем од тој за истиот период во Македонија, или соседна Србија порасна во првиот квартал за 4,6%, додека ние со скромни 0,1%. Слична е ситуацијата и во Бугарија, за 35 пати поголем раст имаат соседна Бугарија отколку што имаме ние во првиот квартал од 2018 година. Хрватска 25 пати и рекордерот можеме да го споменеме и податокот за Полска каде што БДП во првиот квартал од 2018 година е за 51 пат повеќе од истиот во Република Македонија за истиот период во 2018 година, рече Мицкоски.

Тој додаде и дека единствено нешто што и успеало на, како што кажа, оваа цунами економска политика на Владата предводена од Зоран Заев е да од првиот квартал од 2018 година нето ги задолжи граѓаните на Република Македонија за повеќе од 300 милиони евра, а притоа да не обезбеди раст на БДП.

-Можеме да заклучиме дека вие не живеете подобро, граѓаните страдаат поради лошите економски политики. Ова е фијаско економија, ова е економија со која Македонија паѓа на дното. Ова е уште еден пораз на сите нас. И затоа ова мора да се смени, рече Мицкоски.

 

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар

Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com