MKDNews.com

Заев-Брнабиќ: Ние сме блиски народи и наша обврска е да ги следиме интересите и да ја унапредуваме соработката

Заев-Брнабиќ: Ние сме блиски народи и наша обврска е да ги следиме интересите и да ја унапредуваме соработката
ноември 21
18:33 2017

Република Македонија и Република Србија имаат партнерски односи со високо ниво на заемна доверба, разбирање и добрососедство. Во меѓусебните односи има многу прашања и теми што ги поврзуваат двете земји и сите прашања треба да се решаваат со разговори.

Ова го порачаа премиерот на Македонија и на Србија Зоран Заев и Ана Брнабиќ по денешната средба во Белград, каде македонскиот премиер е во прва официјална посета.

– Ние сме блиски народи и наши обврски како политичари е да го следиме интересите и да ја унапредуваме соработката меѓу нашите два народа. Она што е договорено меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво за секое прашање, колку и да е болно или колку и да е позитивно, секогаш да кренеме телефон и да разговараме и да договориме тоа што треба затоа што пријателите така прават, рече македонскиот премиер.

Тој истакна дека перцепцијата на граѓаните во РМ е дека Србија е на прво место од соседите со кои најмногу се подобрени односите во последните пет години. Таа е сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со кој би сакале најблиски односи.

Според него, овој список со точки што може да не поврзуваат може да оди во недоглед и само ќе го потврдува потенцијалот со кој се исполнети нашите меѓусебни односи.

Брнабиќ оцени дека посетата на Заев е добар сигнал за сите натамошни проекти.

– Таа е добар сигнал што зборува за тоа дека сите меѓусебно евентуално отворени прашања треба да ги решаваме со дијалог, потенцира Брнабиќ и додаде дека посетата е прв чекор кон натамошно економско и трговско поврзување и зацврстување на пријателството меѓу двете земји.

Таа се заблагодари на поддршката на Македонија нивната кандидатура за седиштетото на Траспортната заедница на ЈИЕ да биде во Белград.

– Се надеваме дека ќе добиеме поддршка и од ЕУ, тоа е значајна работа за нас, рече Брнабиќ, која додаде дека Србија ја возвратила поддршката на Македонија да го организира Самитот за дигитализација наредната година и оти стои на располагање за секаков вид помош за одржување на самитот како и за сите останати регионални иницијативи.

На средбата на двајцата премиери е истакнато дека економската соработка е константно добра и оти има уште простор за продлабочување на економската соработка, особено во делот на инвестициите. Посебен интерес во оваа насока е поддршката на бизнис иницијативите во информатичките технологии, старт-ап компании, технолошките паркови и иновативни технологии.

Дигитализацијата, беше посочено, е од интерес на двете земји, и Република Србија, како лидер во оваа област, може да инспирира повеќе проекти за кои има интерес во Република Македонија, и кои, во голема мерка можат да ја олеснат соработката во повеќе сфери.

– Да им дадеме шанса на граѓаните и на повеќе од милион компании што работат во земјите од Западен Балкан. Да препознаат дека се создава подобра средина во која ќе може да растат да инвестираат, да вработуваат и да ја искористат регионалната економска област како пат и кон другите пазари, истакна Заев на прес-конфернецијата.

Одговарајќи на новинарски прашања Заев рече дека Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово односно меѓу Белград и Приштина и верува дека во интерес на Србија ќе биде најдено решение.

– Ние, рече, тоа го поддржуваме комплетно и се надеваме дека тоа ќе биде наскоро бидејќи тоа е важно за Србија и за нејзината европска перспектива, но исто така од тоа прашање зависи и перспективата на целиот наш регион.

– Она што е договорено меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво е за секое прашање, колку и да е болно или колку и да е позитивно, секогаш да кренеме телефон и да разговараме и да договориме тоа што треба затоа што пријателите така прават, рече македонскиот премиер одговарајќи на новинарско прашање.

Брнабиќ потенцира дека е важно што постои отворен дијалог, бидејќи само со контруктивен дијалог може да се решаваат проблемите.

– Важно е да имаме отворен дијалог. Не значи дека нема да има нови отворени прашања. Не значи дека сега се ќе биде без никакви проблеми, но важно е дека имаме дијалог. Мислам дека тоа е основната порака од оваа наша средба. Само со дијалог можеме конструктивно да ги решаваме проблемите. Мислам дека тој дијалог во наредниот период нема да престане. Мислам дека практично натаму ќе се отвориме за некоја нова соработка. Важно е за сите прашања да разговараме и меѓусебно да се информираме за меѓусебните потези пред тие јавно да се обелоденат за да можеме да разговориме за нив пред да се случат тензиите, истакна српската премиерка.

Во врска со случајот со вработениот во српската амбасада во Скопје кој беше во Собранието на Република Македонија на 27 април, за време на инцидентите, Заев кажа дека во тој дух, на многу пријателски и дипломатски начин е најдено решение и за тој случај.

– Направивме билатерален договор, ние повлековме наш човек, Србија повлече свој човек, рече Заев.

Во врска со правата на националните малцинства, Брнабиќ истакна дека се дава големо значење на националните малцинства и оти се отворени за унаредпување на се она што треба да се направи за националното малцинство.

– Отворени се многу прашања околу учебниците, образованието, културните обележја, правата итн. и очекувам да продолжиме да работиме на тоа. Тоа беше многу важна тема на нашата штотуку завршена средба, рече Брнабиќ

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар

Барај Вести

Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com