MKDNews.com

Владата бара Уставен суд да запре со преиспитување на Законот за следење на комуникациите

Владата бара Уставен суд да запре со преиспитување на Законот за следење на комуникациите
октомври 12
07:19 2017

Владата побарала да запре постапката за членот 175 во Уставен поради реформите во УБК . Според Владата, Уставен може да ја преиспитува уставноста на Законот, но не и на членот 175, што е збунувачки со оглед на препораките во извештајот на Германскиот експерт Прибе.

Владата му предлага на Уставниот суд да ја прекине постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски текомуникации, кој ѝ овозможува на УБК директно да прислушува преку телекомуникациските оператори. Ваквиот владин предлог доаѓа во пресрет на конечната одлука што Уставен требаше да ја донесе пред две недели, но одлучувањето беше одложено бидејќи судот нема мнозинство, откако истекоа мандатите на судиите на Исмаил Дарлишта, Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова.

Владата смета дека Уставен може да го оспорува целиот закон, но не и членот 175 поединечно. Владата го усвоила предлогот врз основа на заедничкото мислење на Министерство за информатичко општество и администрација, подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство.
„Согласно ова мислење, членот 175 од Законот за електронски комуникации воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите, затоа што според амандманот 19 од Уставот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата на РМ, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно“, стои во соопштението од Владата.

Ваквиот став на владата е помалку изненадувачки, со оглед дека укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации беше и една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, уште во извештајот од 2015 година.

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. Уредите за пренасочување треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори…. Под кои било околности, УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“, беше наведено во извештајот на Прибе.

Иницијативата за уставноста на овој член беше поднесена во 2015 година, откако СДСМ почна да ги објавува прислушуваните материјали, но судот дури годинава во јуни одлучи да поведе постапка. Мнозинството судии сметаат дека членот е спорен бидејќи овозможува неограничено следење на комуникциите од страна на Управата на безбедност и контразузнавање, без соодветна контрола.

Дали владиниот предлог да ја прекинат постапката, ќе влијае на мислењето на судиите, ќе се види во моментот кога ќе се создадат услови Уставен полноважно да одлучува.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар

Барај Вести

Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com