MKDNews.com

Продолжува расправата за Зврлевски, мислењето од Антикорупциска сè уште го нема

Продолжува расправата за Зврлевски, мислењето од Антикорупциска сè уште го нема
август 11
11:27 2017

Денеска во 11 часот во Собранието на Република Македонија треба да продолжи расправата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Собраниската расправа за разрешувањето на Зврлевски почна на 5 јули, а досегашните седум продолжнија на седницата поминаа во реплики и во контрареплики меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и во процедурални забелешки, а во ваков дух се очекува да продолжи и денешната расправа.

Во меѓувреме, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа и одложување на расправата за разрешување на јавниот обвинител за по локалните избори, бидејќи, според нив, членот 8-а од Изборниот законик забранува постапки за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи.

Пратениците на опозициската партија побараа и мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) околу примената на овој член во однос на расправата за разрешувањето на јавниот обвинител. Сепак, мислењето од Антикорупциската комисија тешко дека ќе дојде во следните денови, бидејќи, како што потврдуваат оттаму, нејзините членови се на годишен одмор.

На претходното продолжение од расправата, кое се одржа во средата оваа недела, на моменти атмосферата беше тензична. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа говорницата, откако по кратка расправија со Антонијо Милошоски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го повика собраниското обезбедување за да го остранат пратеникот од говорницата. Ситуацијата се смири со десетминутна пауза, по која расправата продолжи во реплицирање помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, додека пратениците на СДСМ не учествуваа во расправата. Теми на меѓусебните реплики беа пожарите, мигрантите, Супер купот и Договорот со Бугарија.