MKDNews.com

Македонија ремизираше со Украина, последното коло ќе решава кој ќе оди во Хрватска

Македонија ремизираше со Украина, последното коло ќе решава кој ќе оди во Хрватска
јуни 16
06:12 2017

Македонската машка ракометна селекција пропушти голема шанса уште од сега да се избори за настап на завршницата на Европскиот шампионат кој следната година ќе се одржува во Хрватска.

Македонските ракометари попладнево на гостувањето во Суми, против Украина беа на чекот до триумф, но  натпреварот од 5.коло од квалификациите за ЕП заврши без победник 27:27.

Рамноправно се играше до 21.минута кога резултатот беше израмнет 21:21 по што следуваше серија на нашите ракометари од 4:0 (16:12) за највисока предност во првиот дел, која на полувремето изнесуваше 18:14.

Во вториот дел, откако нашата селекција ги имаше највисоките 5 гола предност во 36.минута (21:16), домаќините направија серија 5:1 и се доближија само на еден гол негатива 22:21 во 38.минута. До крајот на мечот неверојатен на голот на Украина беше Чуприна кој средбата ја заврши со 12 одбрани, вклучувајќи ја и последната во завршната секунд по ударот на Манасков, со што се избори за нерешен резултат 27:27

Најефикасни во нашата репрезентација беа Кирил Лазаров со осум и Филип Талевски кој постигна пет гола.

Со освоениот бод, Македонија останува второпласирана со пет бода, колку што има и Украина на третото место, а само еден помалку од Чешка која вчера со 27:24 го победи Исланд, кој остана на четири бода.

Така, последното коло ќе решава кои две селекции ќе ги освојат првите две позиции, а со тоа ќе обезбедат пласман на завршницата на ЕП во Хрватска.

Во недела прво се игра дуелот меѓу Исланд и Украина, а потоа ( од 20:45 часот) во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, репрезентацијата на Македонија ја пречекува Чешка.