MKDNews.com

Хан: Партиите потврдија дека изборите ќе се одржат до крајот од април

Хан: Партиите потврдија дека изборите ќе се одржат до крајот од април
септември 19
07:09 2015

Релевантните политичарите во Македонија ја сфатија својата одговорност и работите се движат во вистинска насока. Ова денеска го изјави еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан по одржаната нова рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија, а на која учествуваа и претставници на четирите најголеми партии во Собранието. Како следен чекор во тоа Хан денеска од политичките елити добил потврда дека изборите ќе се одржат во договорениот рок, на крајот од април.hann gtyt-520x321
„Разменивме мислења и во дијалогот и билатерално со сите лидери на партии за ситуацијата, за реформите, и од сите партнери повторно беше потврдено дека изборите треба да се одржат до крајот на април, како што беше договорено“, изјави Хан.
Хан информираше дека до 6 октомври политичките партии треба да се договорат за содржината на новиот Изборен законик, со цел да се има на сила соодветен Законик кој ќе овозможи подготовка на избори според меѓународни и европски стандарди.
Премиерот Никола Груевски на заедничката прес-конференција со Хан по состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво, рече дека во изминатиот период е направен значителен напредок во исполнување на преземените обврски, за што како следно го посочи дијалогот за изборните реформи.
„Дијалогот на изборните реформи, како што е познато, е фокусирано на измените на Изборниот законик, можните промени во обемот и делокругот на ДИК и, секако, избирачкиот список“, рече Груевски.
Груевски најавувајќи продолжување на реформите, побара од Унија почеток на пристапните преговори, за кои рече дека се можни и неопходни.
„Треба да се дозволи пристапните преговори течат паралелно со разговорите за наметнатиот спор за името со нашиот јужен сосед, со кого сме одлучни да градиме партнерски односи во рамките на ЕУ и на НАТО“, изјави Груевски.
Еврокомесарот пак зборувајќи за европската перспектива на земјава рече дека таа е се уште жива. Притоа тој е убеден дека Унијата ја научила лекцијата дека ако земјата не ја добие европската перспектива, може да влезе во неволји, со констатација дека тие тоа не го сакаат.
„Уште многу работа треба да се направи, ќе видиме и во Извештајот, но како што се одвиваат работите, на начинот на кој дискутиравме и се договоривме, мислам дека исходот може и треба да биде позитивен. Но чекор, по чекор. Следниот чекор е да се преземат сите потребни мерки да се имаат избори според европски стандарди“, рече Хан.
Хан денеска пред одржувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво имаше одделни средби и со лидерите на четирите најголеми политички партии, а утрото учествуваше и на се седницата на Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание.

0 Коментари

Нема коментари!

Нема коментари во овој момент, сакате да напичите нов?

Напишете Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар