MKDNews.com

Жена со мртов плод чекала три дена за абортус за да не се прекрши законот!?

Жена со мртов плод чекала три дена за абортус за да не се прекрши законот!?
септември 29
14:36 2014

Сподели со твоите пријатели!
Трудница со мртов плод морала да чека три дена пред да ѝ биде извршен абортус за да бидат испочитувани законските обврски кои наложуваат тродневен рок по лекарското советување за абортус. Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА деновиве соопшти дека ова е еден од низата случаи во кои се доведува во опасност здравјето на жените само поради новите одредби од Законот за прекинување на бременоста кои беа донесени минатата година.

image

Измените во Законот предизвикаа негативни реакции кај граѓаните и невладиниот сектор кои ги штитат правата на жените, а нивните предупредувања денес се покажаа на дело. Асоцијацијата поседува лични сведоштва и исповеди на пациентки кои морале да го испочитуваат рокот од три дена кој го налага Законот, како што велат од ХЕРА, иако крвареле и имале болки. За гинеколозите, пак, ова е алармантна појава која мора итно да се третира.

Вработените во здравствените установи кои ги контактиравме велат дека е вистина оти во одредени околности се носат вакви одлуки. Директорката на Клиниката за гинекологија, Марија Хаџи Лега ни изјави дека тоа не се случува на Клиниката и додава дека рокот од три дена не важи за мртов плод или загрижувачка состојба по здравјето на мајката. Сепак, велат упатените, постојат случаи во установите низ државата кога за некои лекари Законот е поважен од безбедноста на пациентот.

Тоа се случува со пациентите од социјално загрозените категории и оние кои немаат здравствено осигурување. Доколку абортусот се изврши по итна постапка трудницата треба да подлегне на испитувања и процедури кои можат да ѝ ја зголемат драстично болничката сметка. Ако интервенцијата, пак, се врши по барање на пациентката, во тој случај треба да се чека три дена, таа да оди на советување кај лекар и да даде писмена изјава, што сè на сè би ја чинело поевтино.

– Ако не може да плати за абортусот, тогаш самата се одлучува за намерен, но во тој случај мора да помине рокот од три дена. Но тоа е грешката на Законот. Кога се работи за мртов плод не треба да бидеме процедурални и да ги чекаме тие три дена – велат стручните лица со кои се консултиравме.

И лекарите и од ХЕРА потврдуваат дека ваквите слуачи потекнуваат од слепото почитување на законите и стравот на Комисијата која одлучува за абортус од санкциите кои ги предвидува законската регулатива. Инспекторите се страшно сурови кон Комисијата, велат упатените, а членовите се уплашени затоа што на нив паѓа одговорноста доколку ги прекршат одредбите.

Лекарите велат дека вака формулираниот закон стои на патот меѓу пациентот и нив како единствени лица кои знаат што е најдобро во ризичните моменти. Пред да се донесе законот, велат тие, ни под разно не се случувало жена со мртов плод да не биде веднаш третирана.

– Конфликтите настануваат меѓу сиромаштијата и ригидноста на законите. Овде е неразумно да се чека и да се почитува правната форма, иако жената на пример избрала така. Пациентите вака се коцкаат со својот живот. Нема пари за итна интервенција и ја прифаќа поевтината варијанта. Во услови како некогаш, да дојдеше таков пациент веднаш ќе отворевме историја и без процедури ќе ја третиравме. Истиот ден жената ќе завршеше во операциона сала. Не може закон буквално да се употребува во медицина, не може некој да се обидува со закон да ги уредува овие работи – велат гинеколозите.

Од ХЕРА информираа и за неколку случаи од периодот после примената на Законот, каде за абортус жените морале да чекаат неколку дена иако имале крварење. Ова е најалармантна појава, според лекарите, и треба ургентно да се постапува, но велат сосема е возможно да се чекал рокот од три дена во случај кога жената не можела да плати за итна интервенција.

Вакво беспоговорно почитување на законските одредби, на кое се принудени здравствените работници, може да доведе до сериозни последици по здравјето на жените.

– Не дај боже некој да биде вратен со крварење. Овие случаи се задржуваат во болница. Нас најмногу тоа нè плаши, крварење, силни болки и случај во кој пациентот колабира. Тоа се ургентни ситуации и тука нема пазарање – велат лекарите.

Во ХЕРА сè уште чекаат од Министерството за здравство да донесе подзаконски акти со кои би биле уредени ваквите исклучоци и би била регулирана содржината на советувањето. Од таму велат дека вака поставениот Закон е премногу ригорозен за лекарите и оди на штета на пациентите.

– Дел од лекарите сакаат да се заштитат себе и им велат на пациентите да се вратат по неколку дена. Евидентно е дека има неколку случаи во кои животот им бил загрозен на жените. Важно е да алармираме дека тоа се случува на терен – велат од невладината организација.

1 Коментар

Напишете Коментар

Напишете коментар

Барај Вести

Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com